Ќе се објавуваат компaниите со најмногу поплаки од потрошувачите

15.03.2017 15:36

Поплаки за сметки или за неквалитет, за скриени недостатоци на производите, лажни сезонски намалувања- повеќе од 3.000 претставки стигнале на адреса на Организацијата на потрошувачи. Граѓаните велат- внимаваат кога купуваат некој производ, но сепак забележуваат и одредени пропусти.

Јавно ќе се објавуваат имињата на компаниите за кои има најмногу поплаки од граѓаните. Според надлежните, ова ќе биде поттик да се подигне свеста, за фирмите да се однесуваат поодговорно кон потрошувачите.

„Компании кои се однесуваат најнеодговорно кон потрошувачите сакаме јавно да ги објавиме пред граѓаните. Се надевам дека тоа ќе влијае на свеста и на оние кои ги даваат услугите поодговорно, порационално и покоректно да се однесуваат кон потрошувачите“, изјави Маријан Додовски, претседател на Совет за заштита на потрошувачите на Град Скопје.

Поплаки за сметки или за неквалитет, за скриени недостатоци на производите, лажни сезонски намалувања- повеќе од 3.000 претставки стигнале на адреса на Организацијата на потрошувачи. Граѓаните велат- внимаваат кога купуваат некој производ, но сепак забележуваат и одредени пропусти.

„Се случува понекогаш на производот да му е изминат рокот, лепат нови декларации, се гледа дека се без печат. Мора да го врати кога не е во ред.“

„Има производи што се продаваат кои биле три пати замрзнати, па одмрзнати.“

„Тоа досега не ми се случило на мене, но на многу луѓе им се случило“, велат граѓаните.

Потрошувачите требада добиваат подобри услуги и производи, но и поголема почит - велат од Организацијата на потрошувачи. Затоа е потребен интегриран пристап.

„Агенција или некое друго тело што би работело сериозно на оваа проблематика би било многу добро, бидејќи самата проблематика се однесува на граѓаните како најголема економска група, како група која што влијае или има влијание од одредени мислења и одлуки, а чиј глас навистина не се слуша доволно“, изајви Маријана Лончар Велкова, организација на потрошувачи.

Надлежните најавуваат нов закон за заштита на правата на потрошувачите.

„Веќе е одобрен ИПАРД проект за оваа цел и ќе се работи на подготовка на нов закон за заштита на правата на потрошувачите како и на стратешки докумети кои ќе произлегуваат од законот, а ќе се однесуваат на периодот 2018-2022 година“, изјави Анита Димовска, државен секретар во Министерство за економија.

Граѓаните сѐ уште чувствуваат несигурност при купување преку интернет- покажало спроведеното истражување.

 

Андријана Атанасовска