Битолско Новаци и грчка Алмопија во заеднички проект

15.03.2017 15:47

„Жива историја- жива природа“- битолско Новаци и грчка Алмопија во заеднички проект. Јужните соседи да ги поврзат топлите бањи во Лутраки со скијачкиот центар на Кајмакчалан, а пелагониската општина преку уредувањето на просторот од другата страна на планината го потикне развојот на алтернативниот туризам.

Реализацијата на двегодишниот проект на општините Новаци и грчката Алмопија- „Жива историја- жива природа“ ги даде очекуваните резултати. Доделените околу 600.000 евра од европската програма програмата за прекугранична соработка правилно се вложени во проектите за кој беше аплицирано, велат одговорните од овој сектор. Сметаат дека реализираното е во склад со носечкото мото „Заедно отвораме нови патеки и градиме силна основа за нашиот туризам и цивилизација“.

„Општините Новаци и Алмопија реновираа добра од културно- историски наследство изградија повеќе патеки, објекти од духовен карактер и сл. Сметам дека ја зголемија понудата што позитивно ќе се одрази на нивниот локален економски развој“, вели одговорниот на одделението на ЕУ за вакви проекти, Јарослав Левичек.

По позитивното искуство, стекнатата апликативна вештина што ги прави и лидери во овој вид соработка, градоначалниците на двете општини веќе посегнаа по средства за следениот важен проект. Нашите јужни соседи ќе ги поврзуваат топлите бањи во Лутраки со скијачкиот центар на Кајмакчалан, а од дргата страна на планината своите планови ке ги спроведува пелагониската општина.

„Така ќе можат туристите да ги поврзат топлите води и снегот. Тоа ќе биде проект кој ке даде сила за развој на двата тематски парка, оној во Лутраки со топлите води и на скијачкиот центар на Кајмакчалан“, вели градоначалникот на општина Алмопија, Димитрос Бинос.

„И овој дел од планината ќе биде подостапен, ќе направиме патеки за движење, ќе извршиме деминирање и ќе го направиме подостапен и за обичниот посетител, но и да ги привлечиме тур-операторите“, вели градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски

Можности постојат и треба да се искористат, велат одговорните за проектите од програмата за прекугранична соработка. Нивната евиденција вели дека во последните седум години зелено светло добиле 57 апликации.

Стевче Митревски