Се бара конструктивно решение: По Ахмети, на средба со Заев и лидерот на БЕСА
Во штабот на СДСМ продолжуват консултациите меѓу партиите кои му ги дадоа потписите на Заев за да формира нова влада. По Ахмети, на средба, лидерот на БЕСА, Касами. Велат- се бара конструктивно решение. Воздржани се за деталите. ВМРО-ДПМНЕ повторно со повик- излезот од целата ситуација е јасен, да се отфрли платформата.

По Ахмети, на средба со Заев лидерот на БЕСА, Касами. „И понатаму ќе играме конструктивна улога- ќе бидеме дел од решението, а не дел од проблемот“, велат од партијата.
„Имавме консултации за деблокирање на институциите, за Македонија да се врати на евроинтеграциските процеси и продолжување институциите да работат согласно законот и Уставот“, изјави Билал Касами.
Социјал- демократите не откриваат детали од разговорите. Повторија дека претседателот Иванов треба да им го додели мандатот за состав на Влада. Се надеваат дека Вељаноски ќе го свика Собранието, откако од него тоа ќе се побара.
„Мораме да произлеземе со заеднички заклучоци за сите прашања и да соопштиме на јавноста кои се ставовите. Одржан координативен состанок во смисла на тоа дека е неопходно да се закаже, не дека е неопходно ВМРО-ДПМНЕ да даде зелено светло. Тоа го дава парламентарното мнозинство“, изјави Петре Шилегов.
„Излезот од целата ситуација е јасен. СДСМ и Зоран Заев треба да соберат хаброст и да ја отфрлат платформата“, повика ВМРО-ДПМНЕ. Заев, велат од таму, ја отворил вратата за дебатирање и оспорување на сѐ што е дел од македонскиот идентитет.
„Доколку аболицираниот Зоран Заев сѐ уште смета дека елементите од Тиранската Платформа треба да се прифатат, тогаш за да не ги измами граѓаните повторно како на последните избори, нека прифати парламентарни избори заедно со локални и нека ги вклучи елементите од Платформата во својата Програма. Изборите се најдобрата и најшироката дебата по однос на овие елементи, која може Заев да ја направи“, изјави Дарко Костовски, ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на ДУИ, Ахмети изјави дека не треба да се свика седница на Собранието без претходен договор меѓу партиите. Според него, само ВМРО-ДПМНЕ може да влијае да се реши создадениот политички јаз.
Миле Ристески
