СЈО го објави третиот шестмесечен извештај за своето работење

15.03.2017 16:48

Специјалното јавно обвинителство го објави третиот шестмесечен извештај за своето работење. Во периодот од 15-ти септември до 15-ти март биле отворени 7 нови истражни и 14 предистражни постапки. Откриени се избришани аудио материјали.

45 проценти од вкупниот број прислушувани разговори досега се обработени во Специјалното обвинителство. Во последните шест месеци, оваа институција отворила 7 истражни и 14 предистражни постапки. Осомничени се 50 лица, а за двајца е издадена наредба за запирање на истрагата. Ова го пишува во новиот шестмесечен извештај за работата на обвинителката Катица Јанева и нејзиниот тим.

Во извештајот стои и дека се откриени повеќе од 66 илјади аудио фајлови кои биле избришани од софтверот, но се вратени со посебна форензичка опрема. Сите снимки кои се предмет на анализа, се со траење од 13.200 часа, а од нив, како што пишува во извештајот, 2.030 часа се приватни разговори. Од снимките, изработени се 960 транскрипти кои содржат индиции дека е сторено кривично дело.

Истражителите го анализирале и хард дискот на Звонко Костовски кој беше осуден за случајот „Пуч“. Во извештајот се наведува дека хард дискот потекнувал од канцеларијата на УБК, но не бил предложен во листата на докази.

Обвинителите утврдиле дека постојат фајлови за следење на комуникациите на лидерот на опозцијата Заев, по чија обработка СЈО утврдило дека следењето на овие комуникации било незаконско, без судски наредби.

 

Анита Димитријевска