Трамп: Буџет за трошоци дома, а не за во странство
Буџетот на Соединетите Американски Држави за 2018-та година ќе се користи за вложувања во воените и безбедносните сили, а не за помош на странски држави. Американскиот претседател Доналд Трамп сака да го намали јавниот долг со штедење и намалување на државната администрација. Најмногу ќе се крати финансирањето на Стејт Департментот, Агенцијата за животна средина, меѓународната помош и медиумите за странство.

Буџет за трошоци дома, а не за во странство, вака накратко може да се опише буџетот од 4 трилиони долари што американскиот претседател Доналд Трамп го достави на одобрување во Конгресот. Воениот буџет се зголемува за 54 милијарди долари, предвидени се средства за изградба на ѕидот кон Мексико и за образовни програми во училиштата. Ќе се намалат трошоците на агенциите и јавниот долг и ќе се отпуштат најмногу федерални службеници по Втората Светска Војна. Во буџетот за 2018-та година најмногу кратења има во Стејт Департментот и Агенцијата за животна средина. 50 милијарди на Агенцијата за меѓународен развој- УСАИД што е дел од Стејт Департментот ќе биде намален за 37 проценти. Ќе се намали и буџетот на јавната дипломатија наменет за американските медиуми за странска публика. Комитет на Конгресот веќе ги викна на сослушување актуелната директорка и поранешниот директор на „Гласот на Америка„ да објаснат зошто е потребно продолжување на финансирањето на овој медиум.
„Имаме огромна работа зошто јавниот долг се зголеми двојно во последниве 8 години. Сакам американскиот народ да знае дека буџетот ќе ги рефлектира приоритетите. Ќе побараме од сите агенции да ги штитат сите Американци и секој долар од даночните обврзници. Нема повеќе да трошиме пари без причина. Ќе трошиме пари на многу внимателен начин. Наша задача е да ја направиме владата поодговорна и да прави многу повеќе со помалку. Мора да ги стопираме несоодветните плаќања и злоупотреби, ќе преговараме за подобри цени и да го заштедиме секој долар. Веќе ги замрзнавме вработувањата на сите неважни вработени во владата и наша определба е да продолжиме да го правиме тоа како ветување кон даночните обврзници“, изјави Доналд Трамп, американски претседател.
Сојузните држави и приватните компании ќе бидат повеќе вклучени во финансирањето на јавни проекти како обнова на инфраструктурата. Две третини од буџетот ќе се користи за социјално и здравствено осигурување, за помош на сиромашните и отплата на камати за долгот.
Демократите веќе најавија дека нема да гласаат за предложениот буџет на претседателот Доналд Трамп, и по цена да дојде до ново блокирање на државните институции по септември оваа година.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
