Брисел здивна по победата на либералите на Руте
Брисел здивна по победата на либералите на премиерот Руте на холандските парламентарни избори. Честитки пристигнуваат од европските лидери кои ја прославуваат победата против крајните десничарски ставови на Вилдерс.

Лавина честитки за либералите на холандскиот премиер Марк Руте кои освоија најмногу гласови на изборите, односно 33 места во парламентот со 150 членови. Според европските лидери, холандските гласачи му зададоа удар на популизмот и на крајнодесничарските ставови на главниот опонент Герт Вилдерс и Партијата за слобода која доби 20 места.
„Холандија ја слави демократијата. Толку многу луѓе излегоа да гласаат. Одамна не сме виделе вакво нешто. Одлична е што продолжуваме по истата патека за зачувување на мирот, стабилноста и просперитетот. Ви благодарам“, изјави Марк Руте, Народна партија за слобода и демократија.
Вилдерс, кој најавуваше излез од ЕУ и затворање на џамиите го призна поразот.
„Го зголемивме присуството во парламентот за 25%. Се разбира дека сакав да освоиме 30, како што освои Руте. Му честитам и нему и на другите“, рече Герт Вилдерс, Партија на слободата.
Со преброени над 95% од ливчињата, премиерот кој ќе има главна улога и во формирањето на владината коалциија, загубил 8 места од минатиот парламентарен состав. Популистот Вилдерс не успеа да се искачи на врвот на холандската политика иако неговата Партија за слобода доби 5 повеќе места во споредба со минатите избори. Составувањето на владејачката коалиција е долг процес зашто Парламентот е поделен и за таа цел се потребни четири партии.
За турските власти кои се во дипломатски спор со Холандија, не постои разлика меѓу партиите на Руте и на Вилдерс.
„Не гледам разлика меѓу социјалдемократите и фашистите. Имаат ист менталитет. Каде ја водат Европа? Почнавте да пропаѓате. Европа е пред бездна. Ќе видите, наскоро ќе почнат верски војни во Европа“, изјави Мевлут Чавушоглу, министер за надворешни работи на Турција.
Односите се влошија откако холандските власти забранија јавни настапи на турски министри на собирите за поддршка на претседателот Ердоган. Во Турција на 16 април се гласа за уставни реформи со кои, меѓу другото, драстично се зголемуваат овластувањата на претседателот. Ваква забрана е воведена и во Германија која е со најбројно турско малцинство на глобално ниво, Австрија и Швајцарија.
Маја Филдишев
