Европските лидери со честитки за победата на либералите во Холандија
Брисел здивна по победата на либералите на премиерот Руте на холандските парламентарни избори. Честитки пристигнуваат од речиси сите европски лидери кои ја прославуваат победата против крајните десничарски ставови на Вилдерс.

Честитки за либералите на холандскиот премиер Марк Руте кои освоија најмногу гласови на изборите, односно 33 места во парламентот што брои 150 членови. Според повеќето европски лидери, холандските гласачи ги поразија популизмот и крајнодесничарските ставови на главниот опонент Герт Вилдерс и Партијата за слобода која доби 20 места. Неговата заложба беше Холандија без муслимани.
„Холандија е наш партнер и сосед. Порад тоа, бев многу среќна, како и многумина, дека високиот одзив на гласачи доведе до проевропски резултат“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел.
„Холандскиот народ им сврте грб на непријателите на Европа, на исламот, останаа смирени“, рече Зигмар Габриел, заменик канцелар на Германија.
Народот со поделени мислења за исходот.
„Задоволен сум од резултатите. Добар пример за демократија. И покрај сите повици и пораки, луѓето се уште умеат да направат паметен избор.“
„Немам веќе верба во Руте, но партијата е добра. Ќе видиме што ќе се случува.“
„Добро е што не победи Вилдерс. Сега треба да чекаме и да следиме што ќе прват“, велат граѓаните.
Со преброени над 95% од гласовите, премиерот кој ќе има главна улога и во формирањето владина коалциија, загубил 8 места од минатиот парламентарен состав. Популистот Вилдерс не успеа да се искачи на врвот на политичкиот естаблишмент, иако неговата Партија за слобода освои 5 места повеќе од претходните избори. Составувањето на владејачката коалиција ќе биде долг процес бидејќи Парламентот е пред гласање на малцинска влада за која се неопходни најмалку четири партии.
Реагираа и властите во Анкара, кои поради дипломатскиот спор со Холандија, тврдат дека не постои разлика меѓу партиите на Руте и на Вилдерс.
„Не гледам разлика меѓу социјалдемократите и фашистите. Имаат ист менталитет. Каде ја водат Европа? Почнавте да пропаѓате. Европа е пред бездна. Ќе видите, наскоро ќе почнат верски војни во Европа“, изјави Мевлут Чавушоглу, министер за надворешни работи на Турција.
Односите се влошија откако холандските власти забранија јавни настапи на турски министри на собирите за поддршка на претседателот Ердоган. Во Турција на 16 април се гласа за уставни реформи со кои, меѓу другото, драстично се зголемуваат овластувањата на претседателот кој ќе ја извршува и премиерската функција. Во Холандија има околу половина милион турски доселеници.
Маја Филдишев
