Ќе се следи работата на Судскиот совет

16.03.2017 15:45

Институтот за човекови права отпочна проект со кој ќе ја следи транспарентноста, отчетноста и ефикасноста на Судскиот совет и на Советот за утврдување на фактите. Потребата за мониторинг, велат од Институтот се јавила како резултат на истражувањето кое покажало дека поголемиот дел од младите не се запознаени со начинот на избор и надзор на судиите.

Долгиот и незаконски притвор, селективниот пристап и поплаки поради нееднаквиот третман на странките на судските рочишта се најчесто причините поради кои граѓаните се жалат во Стразбур - вели судијката Маргарита Цаца Николовска. Според неа, граѓаните имаат проблем и да испратат апликација, бидејќи многу документи се враќаат поради нецелосна содржина.

За да се креира ефикасно, транспарентно и отчетно судство неопходен е мониторинг на двете клучни тела – Судскиот совет и Советот за утврдување на фактите. Првичната анализа на Институтот за човекови права покажала дека Судскиот совет иако редовно ја ажурира веб страницата, сепак не објавува програма за работа, стратегии, ставови и мислења.

Целосниот извештај за работата на Судскиот совет треба да биде објавен идната година.

Анита Димитријевска