Анкета на ИПИС: ВМРО-ДПМНЕ со предност пред СДСМ
ВМРО-ДПМНЕ ужива поголема доверба од СДСМ кај граѓаните, покажуваат податоците од најновата анкета спроведена од Институтот за политички истражувања (ИПИС). Доколку следната недела се одржат нови парламентарни избори, најголема поддршка од 27,1 насто ќе добие ВМРО-ДПМНЕ, додека за СДСМ би гласале 21,8 проценти. За ДУИ би гласале 4,6, за БЕСА 2,1, за Алијансата на албанците 1,1, а за ДПА 0,9 насто од испитаниците.
Според најновата анкета од Институтот за Политички Истражувања, ВМРО-ДПМНЕ има поголема доверба кај граѓаните во однос на СДСМ. За изборите во декември лани, рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ според ИПИС бил 25,5 проценти, додека сега е 27,1 процент. СДСМ за предвремените парламентрани избори имал рејтинг од 24,4 проценти, а сега има поддршка од 21,8 проценти од испитаниците. Според анкетата, кај сите партиите од албанскиот блок се забележува пад на рејтингот.
„Очекувано беше дека рејтингот на СДСМ ќе падне, затоа што перцепцијата на граѓаните е дека прифаќањето на платформата од Тирана, барем кај етничките Македонци и сите останати етнички заедници, освен етничките Албанци, е неприфатливо“, изјави Владимир Божиновски, директор на ИПИС.
Доколку следната недела би се одржале нови парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ би ја освоила довербата на 27,1 насто од испитаниците, СДСМ на 21,8 од анкетираните, ДУИ 4,6 насто, Беса, 2,1, Алијанса за Албанците 1,1 и ДПА 0,9 насто. За друга политичка партија се изјасниле 2, 2 насто покажува анкетата на Институтот за политички истражувања.
Македонците во поголем број односно 34, 3 насто би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, а за СДСМ 24,3 насто. Етничките албанци најголема доверба имаат во ДУИ 21, 4 насто, за СДСМ се изјасниле 13 насто, за Беса 9,7, за Алијансата на албанците 5, а најмалку за ДПА 4, 2 насто. Во ИПИС велат дека истражувањето ја одразува демографската структура на гласачите, а можната статистичка грешка е плус минус три насто. Телефонската анкета е направена во периодот од 10 до 13 март на примерок од 1.100 полнолетни испитаници.
Игор Панов
