Азески: Нема алтернатива за Солунското пристаниште и Коридорот 10

16.03.2017 16:39

Нема алтернатива за Солунското пристаниште и Коридорот 10- оценува првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Брако Азески. Оваа врска е најевтина за снабдување со нафта, суровини, репроматеријали. Другите рути се и за 55 проценти поскапи. Затоа, бизнисот сектор бара да се обезбеди целосна функционалност на главната врска и да се најде решение за блокадите.

Коридорот 10, Север- Југ, засега нема вистинска алтернатива кога е во прашање навремено и безбедно снабдување на македонскста економија со потребните нафтени деривати, суровини и репроматеријали, е заклучокот на тркалезната маса, организирана од бизнис заедницата во Стопанската комора.

„Да покренеме акција за ставање и функционално разработување на Коридорот 10 и Солунското пристаниште, затоа што сите алтернативи што досега ги понудивме тука на компаниите не вродија со плод. Тоа е резултат на објективни околности кои што постојат во инфраструктурата и во самиот прифат на бродовите во пристаништата во околните држави“, изјави Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија.

Анализите говорат дека над 79% од нафтените деривати пристигнале преку јужната граница, а остатокот преку сите други алтернативни коридори. 215 километри долгиот продуктовод, , Вардекс“ е подготвен, но не е во функција, велат од ОКТА. Има капацитет за транспорт на 2,5 милиони тони дизел годишно, а земјава троши само 600.000 тони.

„Владата не успеа да го реши прашањето со лиценцата за Вардекс и се надевам дека Новата Влада ќе биде поориентирана и посконцентрирана на ова прашање, со цел во иднина да немаме никакви проблеми со снабдувањето“, вели Јанис Героуланос, главен ивршен директор на „ОКТА“.

Алтернативните рути што беа користени за време на тринеделните блокади се ненекономични затоа што се поскапи за 55 насто во однос на основната. Превозот трае подолго, терминалите се тесни, а се царини во внатрешноста.

Железничкиот превоз на нафтените деривати на основната рута Солун - Миладиновци е неконкурентен на патниот, поскап е за 20 насто во однос на транспортот со автоцистерни.

„Во овој момент железницата е реално застапена со 30% во вкупното снабдување со дизел. Тоа се отприлика 3 воза неделно, за илустрација еден воз заменува од 30 до 35 цистерни во зависност од волуменот на самата цистерна“, вели Ристо Јаневски, претседател на Здружението на енергетиката при Стопанска комора.

На прашањето зошто беше блокиран само граничниот премин кон Македонија, а не и кон соседните земји немаше вистински одговор од учесниците во расправата. Се очекува давањето под концесија на Солунското пристаниште на глобален оператор како и влезот на двата приватни транспортни оператори на Грчките железници да ја променат состојбата и да ја зголемат сигурноста во снабдување на домашната економија, но не треба да се заборават ниту алтернативни рути за снабдување.

Свето Николовски