Димитриев: Клучна е добрата политичка клима

16.03.2017 16:57

Неопходна е соработка, а не мешање во внатрешните работи. Треба силно почитување на сувереноста и интегритетот на секоја држава. Само така регионот ќе оди напред, и политички, и економски- порача премиерот Емил Димитриев на денешниот Самит на земјите од западен балкан што се одржа во Сараево. Комесарот Хан, повтори дека земјите од регионот се високо на приоритетите на Унијата.

За првпат собрани на заедничка маса сите шест премиери од земјите на Западен Балкан во Сараево. Разговараа за економската соработка и развој. Потврдена е поддршката и искажан  силен интертес на Европската унија за интеграција на земјите одзападниот Балкан.

„Има идеја, од некои премиери, за она што јас го нарекувам, заеднички пазар во регионот. Да ги отстраниме бариерите, да има слободен проток на добра, на признавање на дипломите. Ова значи дека на краткорочна идолгорочна основа би отвориле дополнителни 80 илјади работни места во регионот. Исто така, им ја потврдив уште еднаш сериозноста на Европската унија да работи на натамошно интегрирање за идното членство на сите земји од регионот“, изјави еврокомесрот Јоханес Хан.

Ова го потврди и Европскиот совет минатата недела. Тоа сепак мора да биде видено во практика, да соработуваат луѓето од Западниот балкан со луѓето од Унијата, оценува еврокомесарот.

Во овој контекст и ставот на премиерот Димитриев кој сметадека регионот е  висок  стратешки приоритет на Унијата. Сведоци сме на растечки тензии и случувања во земјите од Западен Балкан, кој имаат дирекно влијание врз ЕУ, дополни Димитриев.

„Закочениот интеграциски процес стимулира настабилност во регионот, а интеграцијата во ЕУ се уште е најцврстата кохезивна сила. За реализација на заедничките проекти на земјите од Западен Балкан, кои носат бенефит за граѓаните, од круцијално значење е обезбедувањето добра политичка клима меѓу државите. Односи на соработка, наместо мешање во внатрешните работи, и силно почитување на сувереноста и интегритетот на секоја држава. Само така, регионот ќе оди напред, и политички и економски“, истакна премиерот Димитриев.

Македонија користи сопствени средства , но и заеми за изградба на транспортната мрежа, изјави на состанокот Димитриев и побара посмели чекори од Унијата за регионално поврзување. Меѓу приоритетите се и Коридорот 8 и железничката пруга од Куманово до бугарската граница, за што има зелено светло од Европскта банка за обнова и развој, рече премиерот.

Стабилноста, мирот и безбедноста на овој простор се клучни за политичкиот, социјалниот и економскиот развој на Западниот Балкан. „Премиерите на државите имаат одговорност да ги задржат нашите земји на европскиот пат“, порача домаќинот од Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.

Регионалната средбата е дел од Берлинскиот процес, што претходи на состанокот во јули во Трст.

Наташа Гркова- Петрушевска