Македонија во фокус на дебатите во Европа
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск не крие дека има внатрешни и надворешни сили кои, како што рече, вредно работат за дестабилизација на регионот. Рускиот амбасадор во ЕУ, Владимир Чижов, ја критикува Европската комисија за начинот на кој таа управува со кризите во Македонија.

Критиката на рускиот амбасадор при ЕУ, дојде откако во Стразбур претседателот на Европскиот совет Доналд Таск пред европратениците изјави:
„Дискутиравме за тензичната ситуација на Балканот. Беше јасно за сите дека внатрешни и надворешни сили вредно работат на дестабилизација на регионот. Затоа европските лидери ја повторија јасната поддршка за Западниот Балкан и европската перспектива на регионот. Ние исто така ги изразивме нашите залагања и целосна посветеност за проевропските реформи и проектите кои доаѓаат во регионот“, изјави Доналд Туск, претседател на Советот на Европа.
По ова рускиот амбасадор при ЕУ, Владимир Чижов, како што пишува ЕУРОАКТИВ испрати остри критики на сметка на на претседателот на Советот, Доналд Туск, но и до Комесарот за европска соседска политика, Јоханес Хан, за начинот на кој управуваат со кризата во Македонија.
„Кога ги читам изјавите на претставниците на ЕУ, вклучувајќи го и претседателот на Европскиот совет лично, кој споменува надворешни влијанија во Македонија, јас ги земам овие изјави како самокритика од негова страна. Кога комесарот Хан му се обраќа на македонскиот претседател и го советува да не се меша во уставниот процес на земјата, се прашувам: Нели претседателот, кој е шеф на државата, треба да го гарантира почитувањето на Уставот“- изјави рускиот амбасадор.
Нешто што го призна и претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, кој потенцираше дека Западниот Балкан е најкомплицираниот регион во Европа и затоа треба да му се посвети дополнително внимание.
„Да се ветува една несигурна иднина не е решение. Ние за тоа долго дискутиравме со комесарот Хан и високата претставничка Могерини, стратегијата на Комисијата мора да се промени, ако сакаме да ги зачуваме блиску до нас народите од Западен Балкан, бидејќи турците и русите се тука и тие се серизона конкуренција. Ние сакаме на балканските земји да им овозможиме јасна перспектива “, изјави Жан Клод Јункер, претседателот на Европската Комисија.
Тони Гламчевски, постојан дописник од Стразбур за МРТ
