Конгресмени: САД повторно да се сврти кон Европа

17.03.2017 10:42

Америка повторно да се сврти кон Европа, бараат двајца американски конгресмени. Според нив, Америка не смее да ја направи истата грешка како претходната администрација на Блискиот Исток.

Соединетите Американски Држави мора повторно да бидат лидери во светот и да ги зацврстат односите со пријателските земји во Европа, оценуваат двајца американски конгресмени, членови на комитетите за воени сили, ветерани и разузнавање. Според нив, Америка мора да продолжи да им дава поддршка на сојузниците и на НАТО.

„Мора да застанеме зад нашите сојузници во Европа, бидејќи го ветивме тоа. Важно е да го одржиме ова ветување не само поради нивната безбедност туку и поради нашата безбедност. Ако Путин види дека може да гази низ цела Источна Европа, не само со тенкови и проектили, туку и преку интернет за поткопување на нивните избори, тоа ќе продолжи да ни го прави и нам и тоа двојно повеќе бидејќи така дејствува Путин. На Путин може да му се застане на патот само со сила и тоа сега е НАТО“, изјави Сет Молтонконгресмен Демократ од Масачусетс.

„Се согласувам за НАТО. Посилни сме заедно отколку одвоени. Мислам дека е важно земјите што се дел од НАТО да чувствуваат дека се дел од нешто. Тие се горди што соработуваат со САД и дека се дел од нешто заедно со нас. Тоа и јас го почувствував кога сретнував меѓународни сили во Ирак, дека нашите сојузници се многу горди што дејствуваа заедно со САД“, вели Бред Венстрапконгресмен Републиканец од Охајо.

Конгресмените коишто се ветерани од Ирак, оценуваат дека американските воени сили прерано го напуштиле Ирак и создале нестабилност на Блискиот Исток. За да се победат терористите од  Исламската држава покрај воена интервенција ќе биде потребна и дипломатија и поддршка на владите во регионот. 

Теророзмот се уште е најголемата закана во светот и САД сметаат дека со своите партнери и пријателски држави треба да соработуваат најмногу на ова поле.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ