Поднесена иницијатива за седница во Собранието
СДСМ достави иницијатива со 67 потписи до претседавачот Вељаноски за продолжување на конститутивната собраниска седница. Зад неа стојат и пратениците од ДУИ, БЕСА и Алијансата за албанците. Очекуваме Вељаноски веднаш да свика продолжение на седницата, а предходно да има координација на сите пратенички групи за составот на Комисијата за избори и именувања, изјави генералниот секретар на СДСМ.

Зад иницијативата на СДСМ за продолжување на конститутивната собраниска седница стојат потписите и на пратениците на ДУИ, БЕСА и на Алијансата на Албанците. Од претседавачот Вељаноски бараме веднаш да го свика продолжението. Обезбедено е парламентарно мнозинство, а како доказ ги доставивме 67-те пратенички потписи, рече генералниот секретар на СДСМ, Спасовски. СДСМ не очекува опструкции околу свикувањето на седницата и како што додаде Спасовски, Вељаноски треба да биде на висина на задачата и на сопствената одговорност пред граѓаните.
„Очекуваме Трајко Вељаноски веднаш да свика продолжение на конститутивната седница. Конечно оваа клучна институција како претставнички орган на граѓаните на Република Македонија да почне да функционира, затоа што мора да работи и да функционира во интерес на државата. Прв чекор е избор на претседател на Собранието, кој ќе го тргне и последниот неразумен аргумент на Ѓорге Иванов, кој е должен да му го даде мандатот за состав на Влада на претседателот на СДСМ, Зоран Заев“, изјави Оливер Спасовски, генерален секретар на СДСМ.
Според собранискиот деловник, нема рок до кога треба да се закаже продолжување на конститутивната седница. Претходно треба да се одржи координација на сите парламентарни групи, на којашто би се разговарало за сите отворени прашања и да се постигне договор за составот на Комисијата за избори и именувања.
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаат спротивставени ставови за бројот на членовите. ВМРО-ДПМНЕ инсистира да имаат 6 члена, СДСМ 5, а ДУИ и БЕСА по еден, додека пак СДСМ предлага двете најголеми партии од македонскиот блок да имаат по 5 члена, ДУИ 2, а БЕСА еден.
Спасовски рече дека продолжуваат консултациите за можниот кандидат за нов претседател на Парламентот. Од ВМРО-ДПМНЕ не ја коментираат иницијативата на СДСМ, но велат дека ќе постапуваат според Уставот и законите.
Милчо Велески
