Заев на распит во Јавното обвинителство
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на распит во Основното Јавно обвинителство под сомнение за злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања. По полчасовното сослушување Заев изјави дека идната среда ќе му бидат приложени доказите за да може да ја состави одбраната.

За време од половина час колку што траеше сослушувањето, на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, му биле презентирани индиции за нерегуларности во кампањата од последни декемвриски избори. Со обвинителот се договориле во среда да ги погледнат доказите, по што осомничените ќе можат да состават одбрана.
„Овде сме да ја докажеме нашата невиност, почитувајќи ги институциите, во нормална законска процедура да ја докажеме невиноста за којашто сме под сомнение како организатори на изборна кампања, јас, едно вработено лице во администрацијата на СДСМ и правното лице СДСМ“, изјави Заев.
Обвинителството во февруари информираше дека лани е отворена постапка откако една институција, без да се прецизира која, поднела кривична пријава.
Лидерот на Социјалдемократите Зоран Заев е осомничен за злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања. Досега во обвинителството во оваа предистражна постапка беа сослушани повеќе од 70 сведоци.
Во истиот случај, партијата на Заев се сомничи и за давање лажни податоци во финансиските извештаи, за што како што велат од обвинителството постојат материјални и писмени докази. Заев денеска рече дека финансиските извештаи на партијата се јавно достапни и доставени до државниот ревозор и дека немало никакво сомневање во самиот извештај.
Анита Димитријевска
