Вработените во Трансмет и ТВ Нова на протест против одлуката за притвор на Сеад Кочан

17.03.2017 15:54

Политички реваншизам е одлуката за притвор на Сеад Кочан, сопственикот на ТВ Нова. Загрозени се и работните места на околу 1.200 вработени во градежната компанија Трансмет, велат вработените во двете компании кои денеска го искажаа револтот за одлуката за притвор на Кочан пред скопскиот Апелациски суд.

„Нема да ви помине- бараме правда“, порачаа вработените во компанијата Трансмет и Телевизијата Нова на бизнисменот Сеад Кочан кои потворно излегоа на протест пред Апелациониот суд. Велат дека е загрозена егзистенцијата на илјадници луѓе кои работат во неговите фирми. Повикаа да биде укината одлуката за притворот на нивниот сопственик.

Новинарите од Телевизија Нова сметаат дека ова е директен атак врз слободата на изразувањето и на новинарската мисла. Апелираа на разум, и порачаа да не се дозволи замолчување на медиумот во кој работат.

Од Здружението за културно обединување на Бошњаците, велат дека одлуката за притвор е политички реваншизам и притисок од Специјалното јавно обвинителство да се нанесе удар на еден од највидните членови на заедницата.

Вработените во компаниите велат дека и натаму ќе ја даваат својата подршка на сопственикот Сеад Кочан и ќе протестираат сѐ додека правдата не излезе на виделина.

 

Викторија Милевска