Поглаварите на верските заедници со апел за смирување на состојбите
Поглаварите на петте верски заедници во земјава потпишаа изјава во која ги повикуваат политичарите и партиите да го покажат своето човекољубие и родољубие, и во духот на почитувањето и на толеранцијата да преземат заеднички и неодложни мерки засновани врз легитимни државни законски прописи за надминување на искушенијата и опасностите што демнат во државава- ова е дел од заедничката декларација.

Оваа прилика е историска можност да покажеме дека навистина ја сакаме нашата татковина-Република Македонија, без разлика на која верска заедница припаѓаме. Петте верски водачи на заедниците во земјава ставија потпис на заеднички апел. Во текстот стои:
„Вистинско заедничко живеење се постигнува единствено со мир, со почитување на различностите и на правата на секој поединец, без скратување и нарушување на правата и достоинството на другите.“
Од Македонската православна црква, Исламската верска заедница, Католичката црква, Евангелско методистичката црква и Еврејската верска заедница повикаа на смиреност на состојбите и покажување на добра воља и разумност во одлуките и постапките.
„Апелираме до политичарите и партиите да го покажат своето човекољубие и родољубие и во духот на почитувањето и толеранцијата да преземат заеднички и неодложни мерки, засновани врз легитимни државни законски прописи, во надминувањето на искушенијата и опасностите што демнат.“
Верските водачи преку апелот потенцираат дека само така, сплотени и единствени пред светот ќе покажеме дека мултиетничкото и мултирелигиозното општество во кое живееме може да функционира и да опстојува.
Катерина Топалова
