Иницијатива за седница во Собранието- координација во вторник

17.03.2017 16:27

СДСМ достави иницијатива за продолжение на конститутивната собраниска седница. Прикажа 67 потписи од ново парламентарно мнозинство. Вељаноски закажа координација за вторник. ВМРО ДПМНЕ со оценка- почнува имплементацијата на Тиранската платформа.

Зад иницијативата на СДСМ за продолжување на конститутивната собраниска седница стојат потписите и на пратениците на ДУИ, Беса и на Алијансата на Албанците. Обезбедено е парламентарно мнозинство, а како доказ ги доставивме 67-те пратенички потписи, рече генералниот секретар на СДСМ Спасовски. СДСМ не очекува опструкции околу свикувањето на седницата и како што додаде Спасовски, Вељаноски треба да биде на висина на задачата и на сопствената одговорност пред граѓаните. 

„Конечно оваа клучна институција како претставнички орган на граѓаните на Република Македонија да почне да функционира, затоа што мора да работи и да функционира во интерес на државата. Прв чекор е избор на претседател на Собранието, кој ќе го тргне и последниот неразумен аргумент на Ѓорге Иванов, кој е должен да му го даде мандатот за состав на Влада на претседателот на СДСМ, Зоран Заев“, изјави генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски.

Координативната средба за закажување на продолжението на конститутивната седница ќе се одржи во вторник на пладне, информира претседавачот Вељаноски. На средбата треба да биде утврден предлогот за состав на Комисијата за прашања на изборите и именувањата кој ќе послужи како основ за закажување на продолжението на седницата, стои во соопштението од Вељаноски. Од ВМРО-ДПМНЕ засега не откриваат како ќе постапат во однос на продолжението на конститутивната седница. Едно е јасно,вели Илија Димовски, ВМРО-ДПМНЕ ќе постапува според Уставот и законите и во заштита на државните и на националните интереси.

„Тоа практично е почеток на реализација на платформата од Тирана. Така ја коментираме нивната иницијатива. Ние како партија ќе постапуваме секако во согласност со законите и Уставот, но во насока на заштита на државните и националните интереси на Република Македонија“, изјави Илија Димовски, ВМРО-ДПМНЕ. 

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаат спротивставени ставови за бројот на членовите на комисијата за избори и именувања. ВМРО-ДПМНЕ инсистира да имаат 6 члена,СДСМ 5, а ДУИ и Беса по еден, додека пак СДСМ предлага двете најголеми партии од македонскиот блок да имаат по 5 члена, ДУИ 2, а Беса еден.

 

Милчо Велески