Анкета на ИПИС: Граѓаните најголема доверба имаат во Груевски
Според анкетата на ИПИС, граѓаните во моментов најголема доверба имаат во лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски од 26 отсто, 13,5 отсто се определиле за претседателот на СДСМ Зоран Заев, за Али Ахмети од ДУИ 4,5 отсто, за претседателот на државата Ѓорге Иванов 3 отсто, а Билал Касами од Беса има 1,1 отсто.
Најголема доверба од политичарите во моментов граѓаните имаат во лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски од 26 отсто, 13,5 отсто се определиле за претседателот на СДСМ Зоран Заев, за Али Ахмети од ДУИ 4,5 отсто, за претседателот на државата Ѓорге Иванов 3 отсто, а Билал Касами од Беса има 1,1 отсто.
Ова се резултатите од вториот дел од истражувањето на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) спроведено преку телефонска анкета во периодот помеѓу 10 и 13 март на 1.100 полнолетни испитаници на ниво на Република Македонија.
Прашани во кој политичар имаат најголема доверба во моментов, под еден процент од испитаниците се изјасниле за Зијадин Села од Алијанса на Албанците (0,9), односно Мендух Тачи (0,8). Вкупно 31,1 отсто испитаници одговориле дека немаат доверба во ниту еден политичар, а 2 проценти навеле други лидери.
Според ИПИС, целта е испитувањето на перцепциите на граѓаните околу албанската платформа, двојазичност, протестите и рејтингот на политичарите. Од ИПИС посочуваат дека прашањата кои се однесувале на двојазичноста и платформата на Албанците, со оглед на тоа дека овие процеси се однесуваат на зголемување на колективните права на припадниците од оваа заедница, па затоа се испитувале перцепциите и ставовите на македонскиот и другите помали етникуми.
На прашањето за прифаќањето на платформата на Албанците и двојазичноста, 54 отсто рекле дека тоа ќе биде вовед во бинационална држава, поголеми поделби и федерализација, 23,8 отсто од испитаниците изјавиле дека тоа нема да смени ништо туку само ќе се унапредат правата на Албанците, а 22,1 отсто одговориле „не знам“.
Запрашани дали би ја прифатиле платформата на етничките албански партии со цел да се избере нова влада на чело со Зоран Заев, 72,5 осто од испитаниците одговориле негативно, 15,2 отсто дале поддршка, а 12,3 отсто одговриле „не знам“.
Вкупно 52,2 проценти од анкетираните се изјасниле дека понудата на Груевски целосно да ја поддржи владата на СДСМ доколку не ја прифати платформата на Албанците е искрена понуда за спас на Македонија од федерализација и нови поделби, 26,3 отсто сметаат дека таа е само обид да се наруши коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ, а 21,5 проценти биле без одговор.
Од испитаниците 81,8 проценти негативно одговриле на прашањето дали лично би прифатиле двојазичност на цела територија на Македонија, за 12,2 отсто тоа е прифатливо, а 6 осто рекле „не знам“.
Во однос на протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“, на ниво на вкупнен број испитаници поддршка дале 51 отсто испитаници, 34,1 отсто не ги поддржуваат, а 14,9 отсто немаат став. Само кај испитаниците етнички Македонци процентот за поддршка на иницијативата изнесува 60 отсто, против иницијативата се 27,6 отсто, а 12,4 проценти немаат мислење. Кај анкетираните етнички Албанци, пак, 58 проценти не ги поддржуваат протестите, 17,6 отсто изразуваат поддршка, а 24,4 проценти се без одговор.
