Запленети дрога, оружје и пари, кривична пријава против осум дилери на дрога

19.03.2017 16:07

Акцијата е спроведена на локации во Прилеп, Битола и Скопје при што уапсени се шест лица, а по две лица кои се во бегство, интензивно се трага.

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека во акцијата за сузбивање на организирана криминална група која се занимавала со продажба на дрога запленети се околу 700 грама хероин, 250 грама кокаин, меѓу 8 до 10 килограми марихуана, 570 таблети екстази, оружје, пари и дигитални ваги.

Акцијата е спроведена на локации во Прилеп, Битола и Скопје при што уапсени се шест лица, а по две лица кои се во бегство, интензивно се трага. 

Кривична пријава е поднесена против Д.В. (41), Н.Х. (43), Е.З. (44), М.К.(30), М.С. (37), Ф.П. (27), И.Т. (29) и В.В. (39) за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори’’. Против Н.Х. ќе биде поднесена пријава и за „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, додека против В.В. за „перење пари и други приноси од казниво дело“.

На пет лица им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, а на едно лице му е одредена мерка домашен притвор.

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција издал наредби за вештачење траги од наркотичната дрога, вешачење ДНК, како и на пронајдените количества на наркотичните супстанции. Вештачењата се во тек.

По спроведена истрага утврдено е дека Д.В. од Прилеп е организатор на криминалната група која подолг период била инволвирана во продажба на хероин и марихуана на подрачјето на Прилеп и Битола.

Тој создал своја мрежа на соработници во која секој од членовите извршувал конкретна криминална активност. Д.В. вршел набавка на дрога од Н.Х. и Е.З. двајцата од Скопје, кои дрогата ја транспортирале до Прилеп. Дел од набавената дрога Д.В. ја плаќал со пари, а во неколку наврати е направена замена на дрога за патнички возила и моторцикли.

По набавката на дрогата, Д.В. ја предавал на М.К. од Прилеп и И.Т. од Битола кои биле задолжени за чување, мешање и препакување на дрогата од каде што така спакуваната дрога по претходен договор Д.В. ја превземал и доставувал до Ф.П. од Прилеп и М.С. од Битола кои биле задолжени за понатамошна препродажба. По инструкции на Д.В. во неколку наврати и самите дилери ја превземале дрогата од горенаведите лицата задолжени за чување, мешање и препакување.

При извршените претреси во полициската акција кај Ф.П. во Прилеп пронајдено е едно поголемо полиетиленско пакување во кое имало повеќе помали пакувања исполнети со прашкаста материја во кафена боја (хероин), додека кај родителите на В.В. (инаку сопруга на Д.В.) пронајдена е дигитална вага.

Во текот на вчерашниот ден при извршените претреси во Скопје кај Н.Х. пронајдени се два телефонски апарати, девет држачи за СИМ (со и без картици) пластично кутивче со бела непозната материја, едно полиетиленско пакување со непозната бела прашкаста материја, осум куршуми со калибар 7,65 потоа 50 евра и 158.900 денари во различни апоени, три патнички возила (ПЕЖО 307, Пасат и БМВ 320Д), купопродажни договори, клучеви, сообраќајни дозволи. Кај лицето Е.З. при претрес пронајдено е околу 700 грама хероин, 250 грама кокаин, 8-10 кг марихуана, 570 таблети-екстази, три телефонски апарати, две дигитални ваги со остатоци, сума пари - 19.000 денари. Имено при преземање на оперативно тактички мерки при претресот кај Е.З. во дворот пронајдена е пластична канта закопана во земја во која бил сместен хероинот, кокаинот, новчаник за појас во кој имало 50 екстази, прашкаста материја со кафена боја –хероин, 50 екстази и дигитална вага.