Златен медал за Маер во спустот
Подвигот на 23 годишниот Маер може да се оцени како сензационален, бидејќи во Сочи тој ја постигна првата своја победа во кариерата.

Матијас Маер е победникот во спуст. Австријците му се радуваат на најпосакуваниот златен медал во алпското скијање. Во една од резултатски највозбудливите спуст трки во олимписката историја, Маер е неочекуваниот славодобитник. Патеката долга 3495 метри, исклучително брза, тешка, со многу теренски скокови ја мина за 2:06.23 мин.
Подвигот на 23 годишниот Маер може да се оцени како сензационален, бидејќи во Сочи тој ја постигна првата своја победа во кариерата. Одличен на падините на Роза Хутор беше и Италијанецот Криштоф Инерхофер, кој во последните метри ја загуби трката за првото место, заостанувајќи само за 6 стотинки. Драматичната битка за медалите ја заокружи Норвежанецот Кјетил Јансруд, кој до бронзата стигна со 10 стотинки послаб резултат од победникот.
Главниот фаворит, Норвежанецот Аксел Лунд Свиндал го освои 4-то место, а Американецот Боди Милер со 8-то место ја пропушти последната шанса за триумф во еден олимписки спуст. Матијас Маер стана седмиот Австриец со златен олимписки медал во најатрактивната дисциплина на алпското скијање.
Спуст(М) резултати:
1.Матијас Маер (А) 2:06.23 мин
2.Криштоф Инерхофер (И) +0.06 сек.
3.Кјетил Јансруд (Нор) + 0.10 сек.
4.Аксел Лунд Свиндал (Нор) +0.29 сек.
5.Тревис Генонг (САД) +0.41 сек.
6.Карло Јанка (Швајц) +0.48 сек.
7.Петер Фил (И) +0.49 сек.
8.Боди Милер (САД) +0.52 сек.
9.Макс Франц (А) +0.80 сек.
10.Ерик Геј (Кан) +0.81
