ФБИ води истрага за руското мешање во претседателските избори

21.03.2017 10:12

ФБИ води истрага за руското мешање во претседателските избори во 2016-та и за истекувањето тајни информации од Белата куќа, објави директорот Џејмс Комни во Комитетот за разузнавање во Конгресот. Според првиот човек на ФБИ, нема докази дека американскиот претседател Трамп бил прислушуван од претходната администрација.

ФБИ води истрага за руското мешање во претседателските избори во 2016-та и нелегалното доставување на тајни информации на медиуми за контактите на членови на кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп, што доведе до оставка на неговиот советник за национална безбедност Мајкл Флин.

„ФБИ како дел од нашата контраразузнавачка мисија ги истражува напорите на руската влада за мешање во претседателските избори во 2016-та. Ова вклучува истрага за нелегално објавување на тајни информации за контактите на членови на кабинетот на Трамп и руската влада. Како во секоја истрага за контраразузнавање истражуваме дали е направено криминално дело“, изјави Џејмс Коми, директор на ФБИ.

Нелегалното откривање на тајни информации се казнува со 10 години во федерален затвор. При сослушувањето од страна на конгресменот Треј Дауни, директорот на ФБИ потврди дека најблиските соработници на поранешниот претседател Барак Обама имале пристап кон овие информации, советникот за национална безбедност Сузан Рајс, директорот на Националната агенција за разузнавање Џејмс Клапер, директорот на ЦИА, Џон Бренон и државната обвинителка Лорета Линч. Директорот Комни изјави дека нема информации што ги потврдуваат обвинувањата на Трамп дека бил прислушуван од страна на Обама.

Американскиот претседател Доналд Трамп останува на тврдењата дека бил прислушуван од администрацијата на Барак Обама за време на изборите.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ