Да се користат мерките за вработување лица во социјален ризик

21.03.2017 12:31

Работодавачите да ги користат мерките и програмите за субвенционирано вработување на луѓе во социјален ризик, апелираат надлежните. Анализите покажуваат дека најранлива категорија се младите на возраст до 29 години. Потребна им е социјална инклузија и економско зајакнување.

Невработеноста во земјава се намали на околу 23 проценти- покажуваат податоците на државната статистика. Сепак, цели 48 насто е невработеноста меѓу младите. Како причини за ваквата состојба се наведуваат недостигот на работно искуство, но и немањето соодветно образование.

„Но, исто така постои недостаток на лични способности, како одговорност, посветеност, самоиницијативност на младите луѓе, а особено тоа се однесува на социјално загрозените категории. Предизвик е и немањето, но и недоволни капацитети за дневно згрижување на деца“, изјави Јулујана Гапо, директор на СОС Детско Село.

Надлежните апелираат работодавачите да ги користат мерките и програмите за субвенционирано вработување луѓе во социјален ризик, особено на младата популација.

„Има подобрување на општиот квантитет на вработеноста кај младите лица, меѓутоа се уште не е преточено во повисок квалитет затоа што голем број млади луѓе остануваат заглавени на работните места за кои се преквалификувани или пак се ангажирани на ниско продуктивни и несигурни работни места, неретко во неформалната економија“, изјави Ибрахим Ибраими, министер за труд и соцјална политика.

И германското министерство за економски развој ќе ги поддржуваат младите кои се во социјален ризик. Преку проект ќе им се дава помош при вработувањето, ќе се делат совети при самовработување.

„Се надевам дека Владата на Македонија ги препознава сите овие напори и ќе даде не само идна поддршка туку ќе бидат и заинтересирани за партнерски односи, заедничка работа за развој на социјалниот сектор во Македонија“, изјава Аладин Ормановиќ, СОС Детски села интернационал.

Проектот ќе се спроведува во следните три години.

 

 

Андријана Атанасовска