Чарлс Симиќ- добитник на „Златен венец“ на СВП

21.03.2017 15:03

Поетот Чарлс Симиќ од САД е добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата. Симиќ кој е роден во Белград, е еден од најзначајните современи американски поети, есеисти, критичари и преведувачи. Златниот венец ќе му биде врачен на годинешниот поетски фестивал, кој традиционално се одржува на крајот на август во Струга.

Поезија за светот на антагонизмите- Чарлс Симиќ е едно од водечките поетски имиња кое на книжевната сцена го воведува американското искуство и европскиот сензибилитет. Неговите стихови се за модерната стварност и за урбаниот поединец со сите негови доблести и маани.

Струшките вечери на поезијата доделувајќи му го ова престижно признание на Симиќ, додаваат уште еден жив класик на современата светска поезија на грандиозната листа на добитници, смета директорот на манифестацијата, Мите Стефоски.

Според министерката за култура, Канческа- Милевска, критичарите во Америка, поезијата на Симиќ ја сметаат за една од највпечатливите на нашето време, поезија која е интензивна во своите концепти, сликовитост и јазик.

„Имам убави спомени од струшките вечери на поезијата и од мојата посета на Скопје. Со нетрпение очекувам да се сретнам со старите пријатели и да запознаам нови“- вели Симиќ во неговото писмо.

„Златниот венец“ ќе му биде врачен на 56-то издание на поетскиот фестивал во август во Струга.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска