Ректорот на УКИМ во посета на „Ломоносов“

09.02.2014 11:56

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј"-Скопје Велимир Стојковски е во работна посета на државниот универзитетот „Ломоносов“ во Москва...

Велимир Стојковски, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј"-Скопје од денеска е во работна посета на државниот универзитетот „Ломоносов“ во Москва. Во рамките на посетата ќе бидат остварени средби со Лекторатот по македонски јазик на „Ломоносов" каде што УКИМ има испратено лектор и каде се изучува македонскиот јазик. Покрај тоа, ќе се одржи и работен состанок за финализирање на процедурата за отворање на Руски центар на УКИМ, што е од особено значење за двата универзитета и двете држави. 
 
Отворањето на центарот во 2014 година, истовремено е симболично поврзано и со одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Руската Федерација и Република Македонија, соопшти УКИМ.
 
Ректорот на Скопскиот универзитет Стојковски е и почесен професор на московскиот државен универзитет „Ломоносов“. Двата универзитета имаат исклучително добра академска, научна и културна соработка, која се остварува во континуитет уште со потпишувањето на првиот договор за соработка во 1973 година.