Остварување заедничко родителство по разводот

21.03.2017 15:21

Правото на детето да се гледа подеднакво и со двајцата родители по разводот, најчеста претставка до Народниот правобранител. Секој втор телефонски повик на СОС- линијата во Меѓаши е од засегнатите родители и деца кои се чувствуваат како жртви на разводот. Преку промена на законската регулатива институциите и невладините ќе бараат решение за проблемот.

Пет- шест дена месечно гледање со едниот родител е премалку за да се оствари здрава врска. По разделбата на родителите, детето на вештачки начин станува сираче, сметаат претставниците на граѓанска иницијатива која се залага за заедничко родителство по разводот.

Во реализација на брањата за заедничко родителство ќе помогне и МПЦ. Како што велат тие, ќе настојуваат да не дојде до развод, но ако тоа се случи детето не смее да биде жртва.

„Мајка ми ми се лути кога одам да се видам со татко ми. Тато зборува лошо за мајка ми, вели таа е виновна што се разделиле“- деца бараат совет на СОС линијата на Меѓаши - како да постапат за да не ја изгубат љубовта на некој од родителите?

Родителите своите права ги бараат и преку Народниот правобранител. Истражувањата кои години наназад ги спроведува канцеларијата на Обудсманот не покажуваат придвижување кон заедничко родителство по разводот.

Заменик- народниот правобранител, истакна дека пресудата на Европскиот суд во Стразбур, за случај со семејство од земјава ќе ги поттикне надлежните за реформи во семејното законодавство.

 

Наташа Јанчиќ