Хан: Брзо формирање влада и неразгорување меѓуетнички тензии
Во заедничкото соопштение на Хан и тројката европарламетарци се наведува дека „било повторено многу јасно оти сите политички лидери, вклучувајќи го и претседателот, мора да ги почитуваат резултатите од последните избори, и дека во една демократија, секој мора да го признае парламентарното мнозинство“.
Брзо формирање нова влада посветена на спроведување на реформите, почитување на изборните резултати, имплементација на договорот од Пржино и воздржување од разгорување меѓуетнички тензии, се главните пораки кои еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, им ги упатиле на политичките лидери на денешните средби во Скопје.
Во заедничкото соопштение на Хан и тројката европарламетарци објавено по разговорите со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети, на Беса, Билал Касами и на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, се наведува дека „било повторено многу јасно оти сите политички лидери, вклучувајќи го и претседателот, мора да ги почитуваат резултатите од последните избори, и дека во една демократија, секој мора да го признае парламентарното мнозинство“.
Затоа го охрабруваме претседателот итно да ја преиспита својата позиција. Нема време за губење. Сега очекуваме сите политички лидери и институциите да овзоможат демократскиот процес да се движи по својот курс - во интерес на граѓаните на земјата. Одложувањата во изминатите месеци веќе направија штета на економијата на земјата. Затоа повикуваме на брзо формирање нова влада посветена на спроведување на реформите. Од партиите и новата влада се очекува да продолжат да ги имплементираат сите делови од договорот од Пржино, се наведува во заедничкото соопштение.
Хан и тројката европратеници, како што е посочено, „ги повикуваат сите да се воздржат од какви било активности и изјави кои можат да разгорат меѓуетнички тензии или да ги поткопаат добрососедските односи“.
Никој не треба да дојде во искушение да си игра со оган. Ние сме длабоко загрижени поради тензиите и говорот на омраза. Правото на собири и слободата на изразување се основни права во демократските општества, но тие носат и одговорности. Во таа насока, негативната реторика насочена кон меѓународната заедница и граѓанските организации е сосема контрапродуктивна. Тоа ја поткопува позицијата на земјата на меѓународен план, како и кредибилитетот на оние кои ја употребуваат, стои во соопштението.
Јоханес Хан, Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, очекуваат „во наредните денови да видат сериозно и одговорно државништво од страна на релевантните институции за да се овозможи брзо формирање на нова и цврста коалиција“. Според нив, тоа е единствениот начин за враќање на земјата на патот кон ЕУ - што граѓаните го посакуваат и заслужуваат.
