Продолжува координацијата за Комисијата за избори и именување
Усогласени за бројот на членови, со кои ќе бидат застапени во Комисијата за избори и именувања, но не и за тоа кој ќе ја води. Ова е епилогот по координативната средба во македонското Собрание. Претставниците на парламентарните групи на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и Беса, со работа продолжуваат денеска.

Во Собранието на Република Македонија денеска напладне треба да продолжи координативна средба на парламентарните групи за утврдување на предлог составот на комисијата за прашања на изборите и именувањата, што е предуслов за закажување продолжение на Конститутивната собраниска седница.
На координацијата се очекува да продолжат разговорите за избор на претседател на комисијата за избори и именувања, за што на вчерашната седница не беше постигнат договор. Во комисијата за избори и именувања, како што беше утврдено на почетокот на координацијата, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена, СДСМ пет, а ДУИ и Беса ќе бидат застапени со по еден чен.
По вчерашната координација Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека досегашната пракса на работа нa Собранието на Република Македонија во последните 25 години говори оти претседател на Комисијата за избори и именувања секогаш е од најголемата пратеничка група.
Оливер Спасовски од СДСМ, пак, оцени дека ВМРО-ДПМНЕ спротивно на сите демократски принципи ги узурпира институциите во Република Македонија и не сака заради лични и теснопартиски интереси да функционира Собранието.
Според Деловникот на Собранието, Комисијата за прашања на изборите и именувањата се избира на конститутивната седница на Парламентот на предлог на најмалку 10 пратеници, а нејзиниот состав треба да обезбеди соодветна застапеност на пратениците од политичките партии застапени во Собранието. Оваа Комисија или најмалку 20 пратеници може да предложат кандидат за претседател на Собранието, а предлагач може да биде и пратеник.
Конститутивната седница на Собранието почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината сооглед дека не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на законодавниот дом.
