Хан: Да се почитува исходот од изборите
Политичките лидери, како и претседателот, мора да го почитувааат исходот од изборите и да го признаат парламентарното мнозинство, порача еврокомесарот Хан, заедно со тројката европратениците по средбите со политичките лидери. Го повикаа Иванов да ја преиспита својата одлука, бидејќи нема време за губење. Очекуваат брзо формирање нова влада на солидна коалиција.

Иако не се први за него, нови маратонски преговори на еврокомесарот Хан со лидерите на политичките партии во Македонија кои освоија парламентарно мнозинство. Нема време за губење, претседателот да ја преиспита одлуката за мандатот на мнозинството, а политичките лидери да го почитуваат мнозинството, и побрзо да се формира влада- порача европскиот дипломат во Скопје.
„Во интерес на земјата секој учесник треба да биде совесен за својата одговорност, за задолженијата, треба да работи според и во духот на Уставот. И ако има предлог, ако има програма за работа на владата, тогаш да се почитува Уставот, тогаш поради општеството треба да се согласи за поддршка на формирање влада. Уште еднаш тоа е во интерес на државата, тоа е иднината и особено тоа е евроатлантската перспектива“, изјави Хан.
Да не се разгоруваат и да не преминат политичките во меѓуетнички тензии, побара европскиот комесар. Три часа траеја разговорите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски со Хан и европратениците Вајгл, Кукан и Флекенштајн. Во доцните часови, членот на Извршниот комитет, Милошоски изјави дека Хан ја согледал волјата на мнозинството гласачи и граѓани и дека е изменета искривената политичка перцепција.
Лидерот на СДСМ, Заев е оптимист, тој по средбата со Хан се надева дека до крајот на седмицава ќе се избере претседател на Собранието, што би требало да придонесе во скорешното формирање на владиниот кабинет.
Умереност во земјата, за да се избегне меѓуетничка криза, беше поентата на лидерот на ДУИ, Ахмети. Преку смирените тонови меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, ќе профункционираат и институциите, тврди Ахмети.
Во Собранието, Хан имаше средби и со лидерите на Алијансата и на Беса. И Села и Касами беа единствени во ставот дека кризата мора да сереши по институционален пат. Европскиот комесар им се извини на граѓаните од „За заедничка Македонија“ поради исполнетиот политички распоред што не овозможил средба со нив.
Зоран Богатинов
