АВРМ: Обуки и субвенционирано вработување за 440 невработени лица
Обуката трае 3 месеци и за тоа време кандидатот ќе добива надоместок. Работодавачот вработениот ќе мора да го задржи на работа најмалку 6 месеци. Со оваа мерка треба да бидат опфатени 440 невработени.

Објавен оглас за Обука на работно место со субвенционирано вработување. Наредните 10 дена заинтересираните невработени ќе можат да аплицираат во некој од центрите за вработување. Обуката трае 3 месеци и за тоа време кандидатот ќе добива надоместок. Работодавачот вработениот ќе мора да го задржи на работа најмалку 6 месеци. Со оваа мерка треба да бидат опфатени 440 невработени.
„Мерката е наменета за лица кои потешко се вклучуваат на пазарот на труд и лица кои имаат потреба од дополнителни знаења и вештини, како и за компании кои имаат потреба од проширување, од нови работни места, но, поради спецификата на работното место не можат да најдат соодветен кадар“, изјави директорот на АВРМ Влатко Поповски.
Тој појасни дека за време на обуката невработеното лице добива паричен надомест од 9.000 денари месечно, во кои е вклучено и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување. По завршување на обуката на работното место, работодавачот е обврзан да ги вработи сите обучени лица за што ќе добие субвенција за вработување во форма на финансиска поддршка за бруто плата во износ од 19.000 денари месечно за период од 6 месеци со полно работно време од кои 17.000 денари бруто плата за невработеното лице и 2.000 денари ги задржува работодавачот, како надомест за направените трошоци за подготовка на лицето во работниот процес.
