За кого првите олимписки трофеи во скијачки скокови

Австријците, Стох, Превц или ....... ???

09.02.2014 14:53

Првите медали на Игрите во Руски Горки центарот за скијачки скокови ќе бидат поделени вечер по поединечниот натпревар од помалата 100-метарска скокалница. Како ретко на зимските олимпијади во Сочи нема изразит фаворит за којшто со сигурност би можело да се предвиди дека би освоил некаков трофеј, а камо ли да се прогнозира дека би станал шампион.

Првите медали на Игрите во Руски Горки центарот за скијачки скокови ќе бидат поделени вечер по поединечниот натпревар од помалата 100-метарска скокалница. Како ретко на зимските олимпијади во Сочи нема изразит фаворит за којшто со сигурност би можело да се предвиди дека би освоил некаков трофеј, а камо ли да се прогнозира дека би станал шампион.

Причина за тоа е што сезонава во Светскиот Куп е изедначена како никогаш порано. Полјакот Камил Стох е водечки во генералниот пласман и меѓу скакокачите коишто покажаа најпостојана форма и доследност во резултатите. Истото важи и за неговиот најблизок следбеник, Словенецот Петер Превц, кој е најпријатно изненадување поради континуитетот одлични остварувања. Австријците не се во самиот врв во поредокот пред се поради тоа што прескокнаа дел од натпреварувањата заради подобра подготовка за Игрите, но квалитетите на Грегор Шлиренцауер, Томас Моргенштерн и на новата ѕвезда Томас Дитхарт се неспорни. Во тоа друштво не случајно се наоѓа и Михаел Хајбек, којшто вчера победи во квалификациите за вечерашниот главен натпревар со должина од 101 метар, пред Германецот Андреас Ванк (со 102,5 метри) и Јапонецот Рерухи Шимицу (со 101,5 метар).

Најдобрите десетмина од поредокот во Светскиот Куп немаа натпреварувачки императив во квалификациите, па само дел од нив блеснаа во полн сјај. Шлиренцауер и Германецот Зеверин Фројнд имаа најдолги скокови од по 104 метри, а Стох долета точно на стотиот метар. Четирикратниот освојувач на злата од Солт Лејк Сити 2002 и од Ванкувер 2010, Швајцарецот Симон Аман годинава не е во шампионска форма, иако најави настап без оптовареност, што може да му ја олесни задачата и иако од втор план, одново да го вивне во височините.

Иако врз основа на резултатите последниве два месеца во Сочи допатуваа како фаворити за висок пласман, бледи настапи имаа Словенците. Превц беше блиску до Шлиренцауер и Фројнд со 101,5 метар, Јернеј Дамјан беше 14-ти, а Јуриј Тепеш дури на 31.место во квалификациите. Сепак, најголеми грижи во словенечкиот табор предизвикува повредата на коленото на Роберт Крањец, којшто падна при доскокот и вечерва речиси сигурно нема да се појави на скокалницата. Има истегнат, а можно и делумно скинат лигамент на коленото, поради што најверојатно ќе одмори неколку дена, надевајќи се дека ќе се опорави до поединечниот и до екипниот натпревар од поголемата 130-метарска скокалница, закажани за 15 и за 17 февруари.

Директниот пренос од возбудувањата на помалата олимписка скокалница во Сочи е на Собранискиот Сервис на МТВ вечер (недела) од 18.30 часот, а реприза ќе оди во пополноќната програма на МРТ-1 и во текот на утрешната (понеделничка) олимписка програма на Првиот програмски сервис.