Објавен оглас за обука на работно место со субвенционирано вработување

22.03.2017 14:54

Објавен огласот за обука на работно место со субвенционирано вработување. Во следните 10 дена заинтересираните невработени ќе можат да аплицираат во некој од центрите за вработување. Обуката трае 3 месеци, а работодавачот има обврска да ги задржи на работа најмалку 6 месеци. Со оваа мерка треба да бидат опфатени 440 невработени.

Објавен e оглас за обука на работно место со субвенционирано вработување. Во наредните 10 дена заинтересираните невработени, но и компании кои имаат потреба од отворање нови работни места ќе можат да аплицираат во некој од центрите за вработување. Мерката е наменета за лица кои што потешко се вклучуваат на пазарот на труд и лица кои имаат потреба од дополнителни знаења и вештини, како и за компании кои имаат потреба од нови работни места, но, поради спецификата на работното место не можат да најдат соодветен кадар. Невработените ќе посетуваат тримесечна обука кај познат работодавач, кој потоа е должен да ги задржи на работа уште шест месеци.

Со оваа мерка треба да бидат опфатени 440 невработени. На корисниците на паричен надоместок ќе им мирува правото до завршување на обуката, додека корисниците на социјална помош ќе продолжат да добиваат парична помош во текот на обуката, при што вкупното времетраење на примање на субвенција не може да надмине 18 месеци. Ако корисникот е отпуштен пред истекот на субвенционираната програма, тој има право да се врати во регистарот на корисници на социјална помош.

Со оваа мерка изминативе три години биле опфатени 984 невработени лица.

 

Наташа Јанчиќ