Шкотска: Парламентот решава за нов референдум
Процесот за нов референдум за отцепување на Шкотска од Велика Британија го почна владејачката шкотска Национална партија на чело со првата министерка Никола Старџен, која во својата програма ја има независноста како крајна цел.

Шкотскиот парламент денеска треба да се изјасни за нов, втор референдум за независност на Шкотска, што би требало да се одржи на есен идната година или во текот на пролетта 2019.
Процесот за нов референдум за отцепување на Шкотска од Велика Британија го почна владејачката шкотска Национална партија на чело со првата министерка Никола Старџен, која во својата програма ја има независноста како крајна цел.
Партијата очекува да го добие потребното мнозинство со поддршката на Партијата на зелените бидејќи неможе само со своите пратеници да го изгласа решението за почнување на процесот за нов референдум.
Во своето обраќање пред пратениците, Старџен рече дека новото барање за референдум е резултат на британското напуштање на Европската унија. Старџен порача и дека за иднината на Шкотска може да одлучуваат само шкотланѓаните.
По референдумот за Брегзит во јуни минатата година, на кој големо мнозинство шкотланѓани гласаа за останување на Велика Британија во Унијата, Старџен побара од владата во Лондон заштита на шкотските интереси од последиците на напуштањето на ЕУ.
Сепак, покрај изгласувањето на одлуката за нов референдум за независност на Шкотска, потребна е согласност и од британската влада, а Даунинг стрит 10 веќе објави дека ќе ја блокира одлуката на парламентот во Единбург.
Марина Автовска
