Серија рации по нападот во Лондон

23.03.2017 10:15

Рации во Англија по нападот во Лондон. Полицијата потврди дека вкупниот број на загинати е пет, вклучувајќи го и напаѓачот кој веројатно бил инсипириран од идеологијата на џихадистите. Солидарност и сочувство изразија земјите кои неодамна се соочија со вакви инциденти.

Скотланд јард стартуваше серија рации во Бирмингам по нападот во Лондон во кој загинаа четири лица, а 40-тина беа ранети. Полицијата го застрела напаѓачот откако со автомобил прегазил пешаци, убивајќи тројца цивили, па со нож усмртил припадник од нивните редови. Инцидентот се случил во близина на британскиот парламент.

„Видов тројца луѓе како лежат на улицата. Се обидов да помогнам. Потоа дојде полицијата, не праша дали сме слушнале истрели, но никој од нас не слушна ништо“, изјави еден сведок на настанот.

Меѓу повредените има тројца француски ученици кои биле на екскурзија. Хоспитализирани се и туристи од Јужна Кореја, Португалија, Романија.

„Локацијата за нападот не е случајно избрана. Терористите удрија во срцето на нашата престолнина каде што луѓе од сите националности, вери и култури доаѓаат да ги слават нашите вредности: слободата, демократијата и слободата на говор. Улиците на Вестминстер се дом на најстариот парламент во светот и во нив живее духот на слободата. Вредностите кои ги застапува нашиот парламент привлекуваат восхит од секаде. Затоа оние кои ги отфрлаат овие вредности нишанат овде. Секој обид да се поразат нашите вредности со насилство се осудени на пропаст“, изјави Тереза Меј, премиерка на Обединетото Кралство.

„Ги уверувам граѓаните и странските посетители дека не треба да се плашат. Лондон и натаму ќе биде еден од најбезбедните градови во светот. Лондон е најдобриот град во светот и ние заедно ќе се соочиме со оние кои сакаат да ни наштетат или да го уништат нашиот начин на живеење“, изјави градоначалникот на Лондон Садик Кан.

„Свикавме состанок за инцидентот во Вестминстер и анализираме каков ефект ќе има ова за Шкотска. Важно е да се нагласи дека засега немаме информации за ризик, но полицијата презема превентивни мерки, а и граѓаните треба да внимаваат“, рече премиерката на Шкотска Никола Старџен.

Солидарност и сочувство за Обединетото Кралство пристигнува од лидерите на земјите кои неодамна се соочија со слични напади.

Маја Филдишев