Подготовки за сеидба на оризот

23.03.2017 10:20

Се подготвуваат плановите за сеидбата на оризот. За скоро еден месец треба да се пушти водата за наводнување, а дотогаш за да ги наполнат полињата, земјоделците треба да склучуваат договори со водостопанското претпријатие.

Земјоделците од кочанскиот регион годинава планираат да ги зголемат површините со ориз за скоро 700 хектари. За таа цел водостопанството „Брегалница“ од Кочани оваа пролет ќе наводнува 5.000 хектари со оваа култура.

На терен се работи на расчистување на каналската и на дистрибутивна мрежа за наврема да се фати сезоната за наводнување која официјално почнува на 15 април.

Состојбата со собраните количества вода е оптимална за овој период од годината, а се очекува дека до почетокот на пуштањето на водата во полињата, акумулациите Калиманци, Ратево и Градче ќе бидат полни за почетокот на сеидба во Виничко, Кочанско, Штипско и Свети Николско.

Оризопроизводителите дотогаш пред да ги засукаат ракавите и почнат со работа ќе треба да склучуваат и договори за испорака на вода за оризиштата.

 

Методија Трајков