Лондон: Уапсени неколку лица, МИ5 водела истрага за убиецот

23.03.2017 12:30

Рации и апсења во Англија по смртоносниот напад пред британскиот Парламент. Полицијата потврди дека вкупниот број на загинати е четири, вклучувајќи го и напаѓачот кој веројатно бил инсипириран од идеологијата на џихадистите. Убиецот бил роден во Британија. Пред неколку години, МИ5 водела истрага за него.

Скотланд Јард уапси неколкумина во серијата рации низ повеќе градови по нападот во Лондон во кој загинаа четири лица, а 40-тина беа повредени. Полицијата го застрела напаѓачот откако со автомобил прегазил пешаци, убивајќи двајца цивили, па со нож усмртил припадник од нивните редови. Инцидентот се случил во близина на британскиот парламент. Меѓу повредените има тројца француски ученици кои биле на екскурзија. Хоспитализирани се и туристи од Јужна Кореја, Португалија, Романија.

„Мислам дека повеќето знаеја дека може да се случи вакво нешто, но не може да се подготвите за тоа. Тажна сум зашто многумина си заминаа. Има и повредени, ужасно е. Со колегите се чувствуваме беспомошно бидејќи не можеме да ги спасиме сите“, изјави Шермејн Форестер, медицинска сестра.

„Таков е животот, судбина. Мора да продолжиме натаму, ако нешто треба да се случи, тоа е тоа. Се движиме од точка до А до точка Б.“

„Сега сум уште пореволтирана, монструмите нема да се извлечат, а и јас нема да запрам со животот“- велат жители на Лондон.

Властите го осудија нападот, потенцирајќи дека Лондон и натаму ќе биде дом на слободата и демократијата.

„Локацијата за нападот не е случајно избрана. Терористите удрија во срцето на нашата престолнина каде што луѓе од сите националности, вери и култури доаѓаат да ги слават нашите вредности: слободата, демократијата и слободата на говор. Улиците на Вестминстер се дом на најстариот парламент во светот и во нив живее духот на слободата. Вредностите кои ги застапува нашиот парламент привлекуваат восхит од секаде. Затоа оние кои ги отфрлаат овие вредности нишанат овде. Секој обид да се поразат нашите вредности со насилство се осудени на пропаст“, изјави премиерката Тереза Меј.

„Ги уверувам граѓаните и странските посетители дека не треба да се плашат. Лондон и натаму ќе биде еден од најбезбедните градови во светот. Лондон е најдобриот град во светот и ние заедно ќе се соочиме со оние кои сакаат да ни наштетат или да го уништат нашиот начин на живеење“, рече градоначалникот на Лондон, Садик Кан.

Убиецот бил роден во Британија и пред неколку години бил под лупата на Агенцијата за контраразузнавање и безбедност МИ5.

Ова е најтешкиот напад во Велика Британија по бомбашките од 2005-та година во кои оперативците на Ал Каеда усмртија 56 луѓе во градскиот превоз на Лондон.

 

Маја Стојаноска- Филдишев