ИД презеде одговорност за нападот во Лондон

23.03.2017 14:23

Исламска држава презеде одговорност за нападот во лондон. Нивниот оперативец бил роден во Обединетото Кралство и им бил познат на разузнавачите.

„Со нападот во Лондон, им се одмаздивме на Британците за воените интервенции во Мосул, Ирак“, соопштија џихадистите од Исламска држава преку нивна новинска агенција. Напаѓачот и бил познат на Агенцијата за контраразузнавање и безбедност МИ5 која претходно водела истрага за друг случај поврзан со екстремизам.

Според премиерката Меј, локацијата за нападот не е случајно избрана, терористите удриле во срцето на Лондон и на британските вредности.

„Терористичкиот напад се обиде да ја замолчи нашата демократија. Но ние продолжуваме со состаноците како и вообичаено, со една едноставна порака-не се плашиме. Нашата решителност нема никогаш да се покори пред тероризмот. Се собравме овде, во најстариот парламент, бидејќи знаеме дека демократијата и нејзините вредности ќе преовладуваат секогаш. Слободата на говорот, слободата на луѓето, човековите права и владеењето на правото се втемелени овде, а ги делат сите слободни народи во светот“, изјави премиерката Тереза Меј.

„Ги уверувам граѓаните и странските посетители дека не треба да се плашат. Лондон и натаму ќе биде еден од најбезбедните градови во светот. Лондон е најдобриот град во светот и ние заедно ќе се соочиме со оние кои сакаат да ни наштетат или да го уништат нашиот начин на живеење“, рече градоначалникот на Лондон, Садик Кан.

Пред да биде застрелан, напаѓачот со автомобил прегази пешаци, убивајќи двајца цивили, а со нож усмрти полицаец во близина на британскиот парламент.

„Мислам дека повеќето знаеја дека може да се случи вакво нешто, но не може да се подготвите за тоа. Тажна сум зашто многумина си заминаа. Има и повредени, ужасно е. Со колегите се чувствуваме беспомошно бидејќи не можеме да ги спасиме сите“, изјави Шермејн Форестер, медицинска сестра.

„Таков е животот, судбина. Мора да продолжиме натаму, ако нешто треба да се случи, тоа е тоа. Се движиме од точка до А до точка Б.“

„Сега сум уште пореволтирана, монструмите нема да се извлечат, а и јас нема да запрам со животот“, велат жители на Лондон.

Ова е најтешкиот напад во Велика Британија по бомбашките од 2005-та година во кои оперативците на Ал Каеда усмртија 56 луѓе во градскиот превоз на Лондон.

 

Маја Стојаноска- Филдишев