Четири нови истраги на СЈО
„Табла“, „Триста“, „Тотал“ и „Тифани“- нови истраги на Специјаното јавно обвинителство. Јанева побара Собранието да ја разгледа можноста за продолжување на рокот за функционирање на ова обвинителство. Дел од медиумите во знак на протест ги спуштија камерите. Од СЈО велат ниеден медиум засега не е под истрага на обвинителството.

Првата истрага „Табла“ е за злоупотреба на службена положба на директор на основно училиште од Зајас. Според СЈО, без постапка за јавна набавка ѝ овозможил на фирма од Кичево противправна имотна корист од 200 илјади евра за изградба на ново училиште. И вториот случај е за злоупотреба на службена положба. Осомничен е помошник- министер во МВР за јавна набавка на триста возила, при што, според СЈО, буџетот е оштетен за 450 илјади евра.
„Постои основано сомнение дека службеното лице од МВР злоупотребувајќи ја службената положба и овластувања доделувало договори за јавни набавки на економски оператори кои немале економски најповолни понуди, односно без да го почитува утврдениот критериум за доделување договори за јавни набавки“, изајви обвинителката Фатиме Фетаи.
Другите две истраги, „Тотал“ и „Тифани“ , се за даночно затајување. Опфатени се две физички лица, кои се сопственици на неколку фирми. Специјалното обвинителство посочи дека постојат докази оти осомничените неколку години одбегнувале да платат данок, па го оштетиле буџетот за 239 илјади евра.
„Според доказите, наводно, за потребите на правното лице е купена долна облека од 500 евра, или облека, здолништа, чевли, ташни, ремени, во износ од 33.508 евра, очила, шминки, пудри за 1.009 евра, и други работи“, рече обвинителката Фетаи.
За ниту еден осомничен во четирите истраги не се побарани мерки за обезб едување присуство.
Специјалната обвинителка Катица Јанева рече дека за истрагите е потребно повеќе време, повторно побара продолжување на мандатот.
„Бараме Собранието на Република Македонија да ја разгледа законската одредба која ја ограничува нашата работа и заеднички да изнајдеме соодветно законско решение кое ќе овозможи до крај да ги истражиме кривичните дела кои се во наша надлежност, а со цел остварување на мандатот и мисијата на ова Јавно обвинителство“, изјави специјалната обвинителка Катица Јанева.
Пред почеток на прес- конференцијата на обвинителките, дел од медиумите ја напуштија, поради како што рекоа, политички притисок врз нивното работење.
„Ниеден медиум не е под истрага до овој момент во ова Јавно обвинителство. Ги знаете отворените истраги и од тие истраги не е отворена истрага за да се зборува дека ние правиме директни притисоци врз медиумите“, рече обвинителката Ленче Ристовска.
СЈО најви наскоро дека ќе поднесе обвинителен акт за случајот „Транспортер“.
Наташа Гркова- Петрушевска
