Грчките медиуми секојдневно известуваат за политичката состојба во Македонија

23.03.2017 14:59

Грчките медиуми речиси секојдневно известуваат за политичката состојба во Македонија. Меѓу другите и весникот „Ризоспастис“, се осврнува на последната посета на еврокомесарот Хан, на Тиранската платформа, на парламентарното мнозинство предводено од СДСМ и на ставот на ВМРО-ДПМНЕ за нови избори. Медиумот притоа потсетува и зошто Заев не го добил мандатот за состав на владата од претседателот Иванов.

Воведување на Албанскиот како втор официјален јазик и менување на државните симболи се дел од условите од Тиранската платформа прифатена од лидерот на СДСМ Зоран Заев со цел да формира влада, информираат грчките медиуми. Весникот „Ризопастис“ пишува дека и покрај притисоците од Брисел, претседателот Ѓорге Иванов и натаму не му го дава мандатот на Заев, поради тоа што смета дека платформата е во интерес на Албанија и претставува закана за македонскиот Устав.

„Нов притисок врз лидерите на политичките партии во пј Р. Македонија да ја решат политичката криза и брзо да состават влада што ќе ги промовира ‘неопходните реформи’ донесоа во Скопје еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и европратениците Кнут Флекенштајн, Едвард Кукан и Иво Вајгл. Комесарот Хан имаше агенда до доцна во ноќта, во чии рамки меѓудругото се сретна со поранешниот премиер од централно -десничарската ВМРО-ДПМНЕ , Никола Груевски, кој што смета дека решение за кризата се нови избори и со лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, кој што иако заврши како втор на декемвриските избори, успеа да ја добие поддршката за мнозинство во Парламентот во обидот да состави коалициска влада со албанските партии, задоволувајќи ги притоа условите од т.н. Албанска платформа (воведување на Албанскиот како втор официјален јазик на земјата, промена на националните симболи, реформи за борба со корупцијата и промоција на интеграцијата во НАТО и ЕУ)“, пишува „Ризопастис“.

Весникот информира и дека Хан не оствари средба со претседателот Иванов, поради напорната агенда во Будимпешта каде што се сретна и со унгарскиот премиер Виктор Орбан, при што и двајцата оценија дека ставот и притисокот на ЕУ е несоодветен.

Дел од најтиражните грчки весници изминатиов период информираа и дека евентуалната федерализација на Македонија ќе биде од корист за Грција.
 

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ