Вработените во ТВ Нова со писмо до ОБСЕ
Вработените во ТВ Нова доставија писмо до ОБСЕ, во кое детално е опишана ситуацијата, со која се соочува медиумиот. Според нив, во документот е образложена пресметката што СЈО сака да ја прикаже преку наводниот криминал на нивниот сопственик. Поддршка добија и од Бошњачката заедница.

Шести ден протестираат вработените од Телевизија Нова. Секојдневно се на различна локација, денеска пред мисијата на ОБСЕ упатија порака за зачувување на слободата на медиумот.
„Испраќаме порака дека ние вработените во ТВ Нова не се согласуваме со овој политички притисок кој се прави врз нашиот сопственик Сеад Кочан. Веќе шести ден како протестираме, денеска до мисијата на ОБСЕ ќе доставиме папка со текст каде што го опишуваме нашиот случај“, изјави Дејан Андоновиќ- уредник во ТВ Нова.
За Бошњачката заедница и натаму ова е политички монтиран случај, со цел е да се замолчи медиумот и да се нанесе удар врз нив.
„Ова е директен политички притисок, бидејќи господинот Кочан е претседател на Здружението на Бошњаците кое единствено има претстдавник во Собранието во Република Македонија, како пратеник“, изјави Зекир Рамчиловиќ, претседател на Партијата на Бошњаците во Македонија.
Освен вработените во Телевизијата Нова, пред мисијата на ОБСЕ протестираа и други вработени во фирмите на Кочан.
Андријана Атанасовска
