Димовски на чело на Комисијата за избори и именување, собраниска седница в понеделник

23.03.2017 16:04

По три дена преговори, партиите се договорија. Илија Димовски е избран за прв човек на Комисијата за избори и именување. Со тоа е одблокиран процесот за продолжување на конститутивната седница на Собранието.

Падна договор за претседател на Комисијата за избори и именувања. Ќе ја раководи Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. Токму претседателствувањето со Комисијата беше камен на сопнување на неколкудневните координации. Според Оливер Спасовски, СДСМ повторно направиле отстапка која е во корист на граѓаните и на државата.

„И покрај неразумното барање, прифативме претседателот на Комсијата да биде од ВМРО-ДПМНЕ со цел да почнат процесите во државата, а граѓаните и законодавниот дом да не бидат залжници“, рече Спасовски.

Доколку СДСМ, продолжи да го слуша гласот на граѓаните кои што се секојдневно на улиците и со ваквите постапки да прифаќа дека се губитничка партија на изборите, Собранието на Република Македонија ќе продолжи нормално да функционира- смета Илија Димовски.

„СДСМ денеска првпат по изборите го прифати фактот дека се губитничка партија.  Претседателското место и шесте членови во Комисијата што ги доби ВМРО-ДПМНЕ не се добар гест од страна на СДСМ, туку се правила и пракса кои во Собранието функционираат 25 години“, нагласи Димовски.

В понеделник напладне се очекува продолжението на конститутивната седница на која треба да биде изгласан составот на Комисијата за избори и именување. Според договорот, во неа 6 члена ќе има ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ 5, а по еден ДУИ и БЕСА.

Дали ќе се одржат локалните избори, според СДСМ е прашање за кое треба да се дискутира по завршувањето на конститутивната седница. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека локалните заедно со предвремените парламентарни избори треба да се одржат час поскоро.

 

Миле Ристески