Попоски на средби во Белата Куќа

24.03.2017 09:41

Министерот за надворешни работи Никола Попоски, на средби во Белата Куќа со членови на новата администрација на Доналд Трамп, со претставници на Стејт Департментот и со конгресмени. Шефот на дипломатијата очекува Mакедонија да биде на агендата за поддршка во остварувањето на нашите стратегиски цели.

Првични контакти на македонски претставници со новата администрација во Вашингтон. Шефот на дипломатијата Никола Попоски ја претставил Македонија на средбите во Стејт Департментот и во Белата куќа со директорите за Балкан, и за Европа и Русија во американскиот Национален совет за безбедност, Ерик Киарамела и Марк Тервакоски.

„Средбите се пред се во насока на воспоставување на директна комуникација со новата администрација во Вашингтон на претседателот Трамп. Во овој контекст е многу значајно што обезбедуваме поддршка од поголем број на конгресмени кадешто има значајна македонска заедница во заедниците од кадешто се избрани. Во оваа насока сметам дека и во Конгресот и во новата администрација во Белата куќа и Стејт Департментот најзначајно ќе биде Македонија да се најде на агендата за поддршка во остварување на нашите стратешки цели“, изјави за МРТ вицепремиерот и министер за надворешни работи, Никола Попоски.

Македонија е клучна за безбедноста на Балканот, истакнал Попоски на средбите со конгресмените Дејв Трот од Мичиген и Бил Паскрел од Њу Џерси.

„Значајно е Америка да остане ангажирана во нашиот поширок регион. Разговаравме секако и за регионалниот контекст, за потребата за стабилизирање на целиот регион и одржување на перспективите за интегрирање во регионот. Она што е значајно и од наш аспект е да ги запознаеме со сите напори кои ги имаме направено во изминатиот период за подобрување на регионалната клима и зголемување на соработката со сите наши соседи. Македонија впрочем е докажано дека е фактор за стабилност. Стабилна Македонија значи и стабилен балкански регион, но исто така занемарување на важноста на Република Македонија може да остави простор за дополнителни дестабилизации. Тоа е нешто што не е нити наш регионален, нити макеоднски интерес, уште помалку американски интерес“, рече Попоски.

Министерот за надворешни работи имаше средба со претседателот на Националниот демократски институт Кенет Волак. Попоски разговараше со македонските иселеници коишто живеат во Вашингтон на прием во македонската амбасада во главниот американски град. Шефот на дипломатијата присуствуваше на трибина за Македонија на Коалицијата на Југоисточна Европа во седиштето на Обединетата Македонска Дијаспора.

Односите со Македонија се од голема важност за САД, ова била пораката од американските претставници на средбите со македонскиот шеф на дипломатијата.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ