Трагикомедијата „Пијани“ премиерно во Битолскиот театар

24.03.2017 10:59

Вечер на матичната сцена, Битолскиот Народен Театар ќе ја одигра третата годинешна премиера. Претставата „Пијани“ работена по текстот на современиот руски драматург Иван Вирипаев, а во режија на магистрантот Марјан Ѓорѓиевски преку играта и ликовите на деветте актери зборува за изгубените етички и морални вредности на луѓето во денешното време.

Не попушта темпото на подготовка на нови премиери на битолскиот ансамбал. Трагикомедијата „Пијани“ веќе е третата по ред, работена по текстот на современиот руски драматург и голема фигура во театарската и филмската уметност, Иван Вирипаев. Претставата која е и магистерски труд на режисерот Марјан Ѓорѓиевски ја обработува темата за изубените етички и морални вредности. Како што вели, во ова време- невреме на глобално ниво.

„Заборавивме на она што сме, а и самите да си поставуваме прашања како луѓе за вербата за тоа колку сме добри или лоши. Некако како да продолживме да живееме под маски и го изгубивме вистинскиот контакт што на некој нсчин е и репликата на самата претстава“, вели младиот режисер Марјан Ѓорѓиевски.

Во костимите избор на Благој Мицевски и на сцената подготвена од Валентин Светозарев, настапува деветчлена актерска екипа. Во оваа колективна престава тие се постојано на сцена. Велат избор на еден исклучително тежок процес кој пак од друга страна овозможи да се сплоти целата енергија и преку ликовите автентично да се комуницира со менталитетот на денешново време.

„Пијани е коментар на едни новопечени луѓе кој секој ден нѐ опкружуваат. Пијани е коментар на едно опшество во кое сите ние сакаме да станеме големи зверки, големи имиња или дел од круговите што денес се сметаат за големи“, вели актерката Маја Андоновска- Илиевска.

„Токму во тој контекс, оваа претстава зборува на еден фарсичен и еден комичен начин во кој ние уживаме, а се надевам дека ќе ужива и нашата публика“, вели актерката Илина Чоревска.

Провокативната тема и квалитетот на финалниот производ даваат за право да очекуваме долг живот на претставата, велат актерите. Раководството веќе в понеделник на Светскиот ден на театрите ќе ги соопшти деталите за следната, четврта премиера.

Стевче Митревски