Нови две значајни апсења во Лондон
Командантот на противтерористичките сили ги опиша апсењата како значајни. Истовремено потврди дека една жена била ослободена, додека во притвор остануваат уште деветмина.

75-годишнен Британец е петтата жртва во терористичкиот напад што се случи во Лондон во средата, во непосредна близина на Британскиот Парламент. Двајца од повредените се во критична состојба. Во меѓувреме, уште двајца се уапсени поради поврзаност со нападот. Командантот на противтерористичките сили ги опиша апсењата како значајни. Истовремено потврди дека една жена била ослободена, додека во притвор остануваат уште деветмина.
„За жал синоќа почина уште еден човек во болница. Нашите мисли се со неговото семејство. Очекуваме да слушнеме од сите што го познавале Калид Масуд. Ги охрабрувам сите со каква било информација за него, да ни се јават“, изјави Марк Роули, помошник комесар.
Калид Масуд е следбеник на Исламска држава, а бил роден како Ејдриен Расел. Полицијата соопшти дека тој бил повеќекратно осудуван за вршење кривични дела, но ниту едно од нив немало врска со тероризам.
52-годишниот напаѓач бил познат по многу псевдоними, живеел во западен Мидлендс, област во која се наоѓа и градот Бирмингем, кадешто полицијата изврши рација во текот на ноќта меѓу средата и четвртокот. Масуд бил роден во Кент, а од неодамна се преселил во централна Англија. Не бил предмет на никакви актуелни истраги, а немало ниту претходни известувачки податоци за неговата намера да изведе терористички напад.
Марина Автовска
