Собраниската седница закажана за в понеделник напладне
За в понеделник напладне е закажано продолжението на конститутивната собраниската седница. На дневен ред- изборот на претседател и членови на Комисијата за избори и именувања, како и избор на претседател на Закодавниот дом. Од СДСМ очекуваат Собранието брзо да ја избере новата влада. ВМРО-ДПМНЕ со порака- Тиранската платформа не поминува, потребни се нови избори. Талат Џафери- кандидат на ДУИ за претседател на Собранието.

Нема време за губење, Парламентот и Ѓорге Иванов мора да овозможат мирен трансфер на власта- порачува Социјал демократскиот сојуз преку соопштение. Македонија мора да оди напред. Собранието брзо ќе ја избере новата реформска влада на Република Македонија велат од СДСМ.
„СДСМ внимателно како и досега ги води политичките процеси што водат кон реализација на мнозинската волја на граѓаните. Даваме пример како се работи во интерес на граѓаните и на државата. И така и ќе продолжиме да работиме откако ќе биде формирана новата влада. Порачуваме дека никој нема право да ја спречи демократски изразената волја на мнозинството на граѓаните на избори“, соопштуваат од СДСМ.
Тиранската платформа е противуставна и нејзиното прифаќање ја втурнува Македонија во процес на федерализација, има за цел да ја разнебити Македонија и да ја претвори од мултиетничка во бинационална држава, констатираат во ВМРО-ДПМНЕ. Велат, граѓаните ја прочитаа перфидната политика на СДСМ и се чуствуваат измамени.
„СДСМ затоа бега и се плаши од распишување на локални избори. Знаат дека народот жестоко ќе ги казни. Затоа ВМРО-ДПМНЕ инсистира да се одржат нови предвремени парламентарни избори. Гласот на народот мора да се слушне. Зоран Заев треба пред граѓаните да излезе со Тиранската Платформа која сака да ја реализира, наместо да им ја подметнува пост изборно како кукавичко јајце“, изјави Крсте Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, потвдува дека Талат Џафери е нивниот, но и на парламентарното мнозинство кандидат за претседател на Собранието. Смета дека договорот за Џафери е реализирано изборно ветување на ДУИ.
Од следната недела почнува процедурата за избор на нов собраниски спикер. На продолжението на конститутивната седница на парламентот в понеделник треба да се изберат членовите на Комисијата за избори и именувања. По три дена координација на парламентарните партии, падна договор ВМРО-ДПМНЕ да има најмногу членови во комисијата, но и да раководи со комисијата. Додека СДСМ тврдат дека со ова попуштиле за државата да оди напред, од ВМРО- ДПМНЕ рекоа дека од СДСМ признале дека се губитничка партија, и дека раководењето со комисијата и бројот на членовите е според собранискиот деловник.
Миле Ристески
