Јанева негира дека истрагите на СЈО имаат политички импликации

24.03.2017 16:35

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, негира дека нивните истраги имаат политички импликации. Таа побара да се донесе Закон за заштита на таканаречените свиркачи. Вели дека е потребно граѓаните да се охрабрат за да бидат контролори на власта.

Нашите истраги и покренување на обвинителните акти немаат никакви политички импликации и не се водат никакви истраги против медиумите. Пред ова Јавно обвинителство не се отворени и не се водат истражни постапки против ниту еден медиум, изјави првиот човек на Специјалното јавно обвоиинителство, Катица Јанева на  одбележувањето на Меѓународниот ден на укажувачите, кој го организираа повеќе невладини организации. Таа воедно укажува дека ова Јавно обвинителство силно го поддржува начелото на транспарентност и слободата на информирање на граѓаните за сите прашања кои се од нивен интерес

Јанева во говорот побара од Парламентот да донесе измени во Законот за заштитени сведоци со цел, како што рече укажувачите или свиркачите кои имаат сознанија за криминал во државните институции и приватните компании, да бидат заштитени со соодветни правни и институционални механизми.

Од „Транспарентност Македонија“ потенцираа дека во земјава се донесени закони во областа на заштита на приватноста и за заштита на укажувачите, но тие се само на хартија, зашто според нив сѐ уште во практика не се применуваат.

Настанот го организираа Коалицијата за заштита на укажувачите во Југоисточна Европа и Центарот за истражувачко новинарство „Скуп Македонија“.

 

Игор Панов