Растат барањата за потрошувачки кредити
Македонските граѓани сѐ повеќе користат потрошувачки кредити за потребите во секојдневното живеење. Велат се нужно зло иако не им се допаѓаат каматите. Стопанството пак е скептично, главно поради политичката криза. Банките имаат вишок пари, па интервенираше и Народна банка.

Банките се полни со пари, граѓаните со рати за кредити, а фирмите се резервирани и недоверливи. Според Народна банка, во февруари за 13 насто се зголемиле потрошувачките кредити во споредба со лани. Така е и со станбените. Граѓаните живеат на рати за секојдневните потреби за кои позајмиле 2 милијарди евра. Велат, кредитите не се поволни, но се нужно зло во сиромаштијата.
Фирмите се недоверливи. Во банките чуваат 2 милијарди, а зеле 2,8 милијарди евра. Од стопанството сметаат- слабата кредитна активност е резултат на ниската кредитоспособност на фирмите и, главно, на политичката криза.
Експертите се согласуваат дека кризата ја мати водата со кредитирањето. Нема ниту финансиски институции во кои би се пласирал вишокот на македонските банки од 488 милиони евра кои ги прибира Народна банка.
Според Народна банка ќе расте кредитирањето на граѓаните. Во просек, македонското семејство е во минус со 3.800 евра.
Елизабета Митреска
