Собранието ја продолжи конститутивната седница
По речиси три месеци, пратениците од новиот парламентарен состав повторно се вратија во собраниските клупи. Продолжи конститутивната седница, на која треба да се избере составот на Комисијата за избори и именувања.

Собранието на Република Македонија попладнево ја продолжи конститутивната седница на која ќе се избира претседател, заменик на претседател, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Во Комисијата ВМРО-ДПМНЕ ќе биде застапена со шест членови, СДСМ ќе има пет, а ДУИ и БЕСА по еден член. Според предлог- составот доставен до Собранието, за претседател на Комисијата е предложен Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, а за негов заменик Зоран Илиоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ за членови се предложени Антонијо Милошоски, Крсто Мукоски, Даниела Рангелова, Димитар Стеванаџија и Благица Ласовска, од СДСМ Горан Мисовски, Дамјан Манчевски, Петре Шилегов, Мухамед Зекири и Ивана Туфегџиќ, од ДУИ Џеват Адеми и Зеќирија Ибрахими од БЕСА. За заменици членови на Комисијата, пак, се предложени пратениците Лилјана Кузмановска, Драган Данев, Трајчо Димков, Васил Пишев, Крсто Јовановски, Стефан Богоев, Јулијана Николова, Васко Ковачевски, Сашко Поцков, Тања Ковачев, Ејуп Аљими и Фадил Зендели.
За дебата на денешната седница се пријавени 50 пратеници. На дневен ред е и изборот на претседател на Собранието на Република Македонија за чие изгласување потребни се 61 глас од вкупниот број на пратеници.
Од ДУИ предходно информираа дека нивни предлог е Талат Џафери. Официјално, од СДСМ сѐ уште не се изјасниле дали ќе застанат зад оваа кандидатура. И од БЕСА најавија дека ќе излезат со свој кандидат.
