АВРМ: Обука за 400 невработени лица кај познат работодавач

27.03.2017 13:33

Се очекува речиси 50 проценти од лицата да добијат работа, велат од Агенцијата за вработување. Програмата ќе трае 3 месеци, за што ќе добиваат по 9 илјади денари месечно.

400 невработени лица годинава ќе бидат вклучени преку мерката Обука кај познат работодавач. Обезбедени се 11,2 милиона евра. Се очекува речиси 50 проценти од лицата да добијат работа, велат од Агенцијата за вработување. Програмата ќе трае 3 месеци, за што ќе добиваат по 9 илјади денари месечно.

Како што информира директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски, за оваа мерка планирани се средства во висина од 11.535.060 денари.

Работодавачот не треба да го има намалено бројот на вработени во последните шест месеци на полно работно време, да нема загуби во 2016 година и да не должи даноци и придонеси кон државата, рече Поповски.

Појасни дека за овој период на корисниците на паричен надомест ќе им продолжи правото на паричен надомест до завршување на обуката, додека корисниците на социјална помош ќе продолжат да добиваат парична помош во текот на обуката. Ако корисникот на социјална помош е отпуштен од работа пред истекот на мерката, има право да се врати во регистарот на корисници на социјална помош.

Поповски истакна дека досегашните искуства покажуваат дека дури 70 проценти од лицата кои посетувале обуки, работодавачите ги задржале на работа.