Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во работен престој на Малта, за СДСМ ова е бегање од одговорност

27.03.2017 15:13

Груевски за време на посетата е предвидено да ги презентира ставовите за домашните политички случувања, политичката криза, стратешките интереси на земјава.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, заедно со партиска делегација е во работен престој на Малта. Ќе учествува на Конгресот на Европската народна партија, каде ќе присуствуваат политички функционери од Европа кои доаѓаат од партии од десницата. Груевски за време на посетата е предвидено да ги презентира ставовите за домашните политички случувања, политичката криза, стратешките интереси на земјава.

Според СДСМ, Груевски со ова покажал дека не го интересира државата, туку му е единствено важно да избега од одговорност, а од партијата велат дека со или без Груевски, Македонија ќе добие нов претседател на Собранието и нова влада, предводена од СДСМ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Заев и раководството на Социјалдемократите се целосно разобличени пред граѓаните, па како што велат, преку проѕирни лаги и манипулации се обидуваат да го отргнат вниманието од вистинските теми, како што е прифатената Тиранска платформа за редефинирање на државата.